15 Март 2019•Ажурирај: 17 Март 2019
Многу земји од целиот свет го осудија терористичкиот напад врз две џамии во Крајстчерч во Нов Зеланд, во кој животот го изгубија 49 лица, додека повеќе од 20 се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, истакна дека остро ги осудува терористичките напади извршени врз муслиманите што ги вршеле своите обреди во Нов Зеланд, и дека ги проколнува сторителите на овие напади.
Турскиот претседател Ердоган на својот твитер-профил реагираше во врска со терористичките напади извршени врз две џамии во Нов Зеланд.
„Остро го осудувам терористичкиот напад врз џамијата „Нур“ во Нов Зеланд и врз муслиманите што ги вршеле своите обреди тука, а ги проколнувам сторителите. Од Бога посакувам милост за нашите браќа кои го загубија својот живот во нападот, а на повредените им посакувам брзо оздравување“, напиша Ердоган на социјалните мрежи.
Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, исто така, ги осуди терористичките напади извршени врз две џамии во градот Крајстчерч во Нов Зеланд.
Чавушоглу на својот твитер-профил реагираше во врска со терористичките напади извршени врз две џамии во Нов Зеланд.
„Го проколнувам варварскиот терористички напад врз две џамии во градот Крајстчерч во Нов Зеланд“, нагласи Чавушоглу.
Тој посака од Бога милост за жртвите, а на повредените им посака брзо оздравување.
„Во овој предавнички напад одговорност немаат само сторителите, туку и политичарите и медиумите кои ја поттикнуваат омразата и антиисламизмот, кој многу се зголемува на Западот“, додаде шефот на турската дипломатија.
Европската унија (ЕУ) упати порака на сочуство по повод терористичкиот напад на Нов Зеланд. Во пораката се истакнува: „Напад на место за богослужба е напад на секој од нас."
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, остро го осуди терористичкиот напад во Нов Зеланд.
„Остро ги осудувам ужасните терористички напади врз џамиите во Крајстчерч“, напиша Столтенберг на социјалните мрежи.
Тој нагласи дека неговите мисли се со сите оние кои ги изгубија саканите или се повредени.
„НАТО се солидаризира со нашиот пријател и партнер Нов Зеланд во одбрана на нашите отворени општества и заеднички вредности“, додаде Столтенберг.
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, објави порака со сочувство во врска со терористичкиот напад врз две џамии во Крајстчерч.
Трамп во пораката на Твитер, напиша: „По ужасниот масакр во џамијата, ги испраќам моите најискрени сочувства и симпатии кон луѓето на Нов Зеланд. Четириесет и девет невини луѓе загинаа, а голем број се повредени. Ние како САД, стоиме зад Нов Зеланд, за сè што може да направиме. Бог да ги заштити сите!“
Рускиот претседател Владимир Путин во врска со терористичкиот напад на двете џамии во Нов Зеланд, изјави дека е шокантен фактот дека се нападнати цивилите кои се собрале за време на молитвата.
Во соопштението од Кремљ е наведено дека рускиот претседател Путин упатил порака со сочувство до премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, по повод терористичкиот напад на двете џамии во градот Крајстерч што се случи утринава, а во кој загинаа најмалку 49 лица.
„Нападот на цивилите собрани по повод молитвата предизвикува шок и загрозеност. Се надеваме дека сите вклучени во ова злосторство ќе бидат казнети адекватно“, порача Путин.
Рускиот претседател во име на целата земја упати пораки со сочувство до семејствата на жртвите загинати во терористичкиот напад.
Пораки на сочувство упатија и лидерите од земјите од регионот, меѓу кои министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, претседателот на Косово Хашим Тачи, претседателот на Србија Александар Вучиќ, претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ.
Четириесет и девет лица загинаа во вооружениот терористички напад врз две џамии за време на петочната молитва (џума намаз), во градот Крајстчерч, Нов Зеланд.
Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, на прес-конференција истакна дека по локално време во 13:40 и во 13:50 извршен е терористички напад врз две џамии во градот Крајстчерч.