Emel Gözellik
09 Октомври 2020•Ажурирај: 11 Октомври 2020
ОСЛО (АА) - Светската програма за храна (WFP) е овогодишен добитник на Нобеловата награда за мир поради борбата која ја води против гладот во светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Норвешкиот одбор за доделување награди денеска соопшти дека Светската програма за храна (WFP), агенција на Обединетите нации (ОН), ја заслужила оваа награда поради огромните напори кои ги презема во борбата против гладот, подобрувањето на мировните услови во подрачјата погодени со судири и дејствувањето да се спречи употребата на гладот како оружје во водењето војни и судири.
Се потсетува дека Светската програма за храна е најголемата светска организација за хуманитарна помош во борбата против гладот и заговарањето безбедност на храната, напоменувајќи дека таа само за време на 2019 година пружила помош за речиси 100 милиони лица кои биле изложени на глад и недоволен пристап на храна во 88 земји.
Во соопштението се наведува дека пандемијата на Ковид-19 предизвикала пораст на бројот на луѓето кои се соочуваат со глад во светот, додавајќи дека организацијата покажала импресивна одлучност и способност да ги интензивира напорите во борбата со пандемијата.
Норвешкиот одбор за доделување награда наведе дека доколку Светската програма за храна и другите организации кои пружаат помош во храна не добијат потребна финансиска поддршка, светот би можел да се најде во опасност да доживее незамислива глад.
Светската програма за храна е специјализирана агенција на ОН задолжена за пружање помош во храна и најголема светска хуманитарна организација за решавање на случаите со глад и промовирање на безбедност на храната. Во просек, оваа организација пружа помош во храна за околу 90 милиони луѓе годишно, од кои 58 милиони се деца.
Агенцијата со седиште во италијанскиот главен град Рим и со повеќе од 80 канцеларии низ светот, има цел да помогне на населението кое не е во состојба да произведе или да добие доволно храна за себе и своето семејство.
Основана е во 1961 година, откако во 1960 година е одржана Конференција за храна и земјоделство (FAO) и кога Џорџ МекГоверн, директорот на американската агенција „Храна и мир“, предложи основање на Програмата за мултилатерална помош во храна. Формално е основана во 1963 година од страна на ФАО и Генералното собрание на ОН на експериментален тригодишен период, а во 1965 година Програмата е проширена на континуирана основа.