Islam Uddin
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја ја отфрлија понудата на Соединетите Американски Држави (САД) за службен состанок и порачаа дека немаат намера да го контактираат официјален Вашингтон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Ри Сон Гвон, изјави дека Министерството за надворешни работи го поздравува јасното соопштение кое го издаде заменик-директорот на Централниот комитет на Корејската работничка партија, со кое се отфрлаат избрзаните пресуди, шпекулации и очекувања на САД.
„Не ја разгледуваме дури ни можноста за каков било контакт со САД, што не би нѐ одвел никаде, туку би ни одзел драгоцено време“, изјави Гвон.
Во вторникот, сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Џо Јонг, исто така ги отфрли сите американски предлози за воспоставување дијалог и изјави дека САД би можеле да се соочат со разочарување бидејќи имаат нереални очекувања.
Ден претходно, специјалниот претставник на САД за Северна Кореја, Сунг Ким, на властите на Пјонгјанг им испрати предлог за состанок без услови, на кое било место и во кое било време.
Понудата е испратена кратко откако севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека Северна Кореја би требало да се подготви и за дијалог и за конфронтација со САД.
Американскиот претседател Џо Бајден минатиот месец изјави дека неговата администрација е подготвена да воспостави дипломатски контакти со Северна Кореја.