Muhammet İkbal Arslan
31 Декември 2024•Ажурирај: 01 Јануари 2025
ЖЕНЕВА (АА)
Светската здравствена организација соопшти дека здравствениот систем во северниот дел на Газа намерно е уништен од страна на Израел со интензивни напади и опсада, јавува Анадолу.
„Видовме систематско уништување на здравствениот систем во северниот дел на Газа. Тој е под опсада, навистина, веќе 80 дена и ова, според процените, ги става во голем ризик животите на 75.000 Палестинци кои остануваат во областа“, изјави за Анадолу портпаролката на СЗО, Маргарет Харис.
Нагласувајќи ги алармантните услови, таа наведе дека последната голема медицинска установа во северна Газа, болницата „Кемал Адван“, сега не е во функција.
Таа истакна дека во другите делови на Газа луѓето, исто така, се борат со проблеми на несоодветни засолниште и недостаток на храна, што го отежнува пристапот до медицинска нега.
Харис објави дека и други болници во Газа, исто така, се нападнати, при што неодамна беа погодени два објекта во центарот на Газа, што дополнително ја влоши ситуацијата.
- „Ако бомбите не ги убија, болестите и немаштијата ќе ги убијат“
Харис жали за трагичните извештаи за деца што умираат од студ во Газа, опишувајќи ја ситуацијата како „неподносливо тажна“.
„Ова е најсуровото нешто што може да им го направите на родителите што не можат да ги обезбедат најосновните работи за своето дете и да гледаат како нивните малечки умираат“, додаде таа.
„Рековме пред една година, го предвидовме тоа пред една година бидејќи луѓето беа принудени да ги напуштат своите домови и не беа обезбедени со соодветно засолниште и соодветни услуги“, додаде таа понатаму.
„Доколку бомбите не ги убијат, болестите и немаштијата ќе ги убијат... Не можев да верувам дека тоа навистина ќе се оствари“, нагласи таа.
Харис, исто така, потврди дека болницата „Кемал Адван“ сега е празна, критично болните пациенти се пренесени во Индонезиската болница, во која има недостиг на основна опрема и материјали.
Во врска со притворањето на директорот на болницата „Кемал Адван“, Хусам Абу Сафије, од страна на израелските власти, Харис рече дека немаат информации за неговиот статус.
„Реалноста е дека во моментов не постои вистинска здравствена заштита достапна за луѓето во северниот дел на Газа“, заклучи таа.
Израел уби повеќе од 45.500 луѓе во Газа од 7 октомври 2023 година и ја остави енклавата во урнатини.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговата војна во енклавата.