Ömer Faruk Yıldız
30 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) и Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопштија дека половина од медицинските установи низ светот не обезбедуваат основни хигиенски услови, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во заедничкиот извештај подготвен од СЗО и УНИЦЕФ споделени се податоци за хигиенската состојба во болниците, клиниките и другите медицински установи.
Во извештајот се нагласува дека 68 отсто од медицинските установи имаат хигиенски средства на местата каде што се згрижени пациентите, а 65 отсто од нив имаат средства за чистење на рацете само во тоалетите, додека 51 отсто од медицинските установи исполнуваат основни хигиенски критериуми.
- Во една од 10 медицински установи нема основна хигиена -
Се нагласува дека во една од 10 медицински установи во светот нема основни хигиенски услови.
Недостатокот на хигиенски средства е најчест во неразвиените земји, а само 53 отсто од медицинските установи во овие земји имаат безбеден извор на вода.
Посочувајќи на недостаток на хигиенски средства и во супсахарските африкански земји, се наведува дека 73 отсто од објектите во регионот користат алкохолна дезинфекција за раце и сапун, а 37 отсто немаат вода и сапун во своите тоалети.
Меѓу другото, во извештајот се наведува дека 3,85 милијарди луѓе добиваат здравствени услуги од установи кои немаат основни хигиенски средства, а 688 милиони луѓе се лекувани без никакви хигиенски услуги.
- „Годишно 670.000 новороденчиња умираат поради нехигиена“ -
Д-р Марија Неира , директорката на СЗО за животна средина, климатски промени и здравје, чии оценки се вклучени во извештајот, наведувајќи дека неспорна е неопходноста од хигиенски можности во здравствените установи, рече:
„Развојот на хигиенските услуги во медицинските установи е од витално значење за превенција и прелиминарна подготовка за епидемии. Здравствената безбедност не може да се постигне без едноставни хигиенски средства во медицинските установи.“
Неира ги повика земјите членки на СЗО да ја спроведат одлуката донесена на Светското здравствено собрание во 2019 година за зголемување на услугите за вода и хигиена во медицинските установи.
Исто така и Кели Ен Нејлор, директорката на УНИЦЕФ за клима, животна средина, енергија и намалување на ризикот од катастрофи, нагласи дека пациентите не можат да добијат здравствена заштита доколку не постојат едноставни хигиенски правила во медицинските установи.
„Болниците и клиниките кои немаат чиста вода и едноставни хигиенски услуги се смртни стапици за идните мајки, новороденчињата и децата. Секоја година околу 670.000 новородени бебиња умираат од труење на крвта“, додаде Нејлор.