Mustafa Deveci
30 Август 2022•Ажурирај: 31 Август 2022
СИВЕРСК (АА) - МУСТАФА ДЕВЕЏИ –
Областа Сиверск во регионот Доњецк, што е на првата линија на фронтот во војната меѓу Русија и Украина, е разурната, а поради судирите секојдневниот живот е замрен, пишува Агенција Анадолија (АА).
Судирите во војната меѓу Русија и Украина, што започна на 24 февруари и трае шест месеци, деновиве најмногу се интензивираат на југот и на истокот на Украина.

Регионот Доњецк, кој се наоѓа во источна Украина, е еден од регионите каде конфликтите се најинтензивни.
Судирите меѓу руските и украинските сили продолжуваат, особено во градовите Бахмут и Славјанск и околу областа Сиверск во Доњецк.
Екипата на Агенција Анадолија го сними степенот на разорување во Сиверск, едно од местата во Доњецк каде што најмногу се чувствува војната. Траги од војната ќе видите кога ќе влезете на патот од градот Бахмут до Сиверск.

Штом ќе влезете во областа, се чувствува студеното лице на војната и уништувањето што го носи. Во областа која е изложена на нападите на руските сили десетици згради се во урнатини.
Областа беше цел на проектили, ракети и артилериски оган, со длабоки дупки на патиштата. Некои од тешко оштетените зградите веќе се неупотребливи. Поради тековните судири, сè уште не може да се санираат штетите направени на патиштата и на зградите.
- Потсетува на град на духови -
Сиверск е област со население од околу 13.000. Заклучно со денес местата околу областа се под контрола на руските сили.

Звуците на артилериските истрели на руските и украинските сили стигнуваат до центарот на областа, каде што секојдневниот живот е замрен. Поголемиот дел од жителите на областа ги напуштија своите домови.
Во областа останаа малку луѓе, главно постари. Луѓето ретко може да се видат по улиците.
Во Сиверск патиштата се празни и нема отворени продавници. Жителите од регионот поголемиот дел од денот го поминуваат во засолништата. Но и покрај сè се обидуваат да се одржат во живот.

Тишината во областа ја прекинуваат звуците на меѓусебните артилериски истрели.
- Ангажирани се волонтери за евакуација на старите и болните -
Украинските хуманитарни организации доаѓаат за да ги спасат постарите и болните лица кои сакаат да ја напуштат областа.
Овие добротворни организации, во кои повеќето членови се волонтери, секој ден евакуираат десетици цивили од Сиверск и слични населби на линијата на фронтот.
И покрај сите опасности, овие волонтери ги евакуираат старите и болните луѓе во побезбедни области во Доњецк.