Ali H. M.Abo Rezeg
30 Мај 2019•Ажурирај: 02 Јуни 2019
АНКАРА (АА) - Малата Сиријка од Алепо, Бана ал Абед (9), ја нагласи потребата за итно преземање акција за спасување на децата во нејзината земја и низ делови од светот каде што има војнa.
Пред три години Бана го привлече вниманието на светот со нејзините објави на социјалната мрежа Твитер од Алепо.
Бана и нејзиното семејство добија турско државјанство, откако беа евакуирани со илјадници други лица од градот кој беше под опсада на сирискиот режим.
„Пред војната имав добар живот во Сирија“, рече Бана во разговорот за Anadolu Agency (АА).
„Животот беше мирен, се забавувавме со моето семејство“, раскажуваше Бана.
Зборувајќи на англиски јазик, кој го научила од нејзината мајка, инаку наставничка по англиски јазик, Бана додаде: „Кога започна војната, сѐ се смени. Се плашев дека јас или друг член од моето семејство ќе го загуби својот живот.“
„Мојот пријател Јасмин е убиен, но не изгубив надеж“, рече таа, потсетувајќи се на нејзиното време поминато под опсадата во Алепо, кога немало храна ниту вода.
- Подобро место -
„Децата бегалци низ светот, а особено во Сирија, претрпеа многу поради бомбардирањата и конфликтите. Мораме да се обидеме да донесеме мир во нивните земји, за да можат да се вратат во своите домови“, порача Бана.
Таа рече дека сонува овој свет да биде подобро место и се надева дека многу нешта ќе се променат.
За своето патување од Алепо во Турција, таа раскажа: „Беше многу тешко. Се сеќавам дека децата плачеа во автобусите.“
Таа се потсети на нејзините први мигови во Турција, за уморот и гладта по дводневното патување со автобус.
„Следниот ден се сретнавме со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган“, рече Бана. „Се сеќавам дека истовремено бев среќна, возбудена и исплашена.“
„Си реков, морам да останам мирна во моментот на пренесување на мојата порака од децата во Сирија - да им се овозможи на децата насекаде да живеат во мир“, додаде таа.
Турција во моментот згрижува околу 4 милиони регистрирани бегалци, од кои речиси 3,6 милиони се сириски бегалци, што е најголем број згрижени бегалци од одредена држава во светот.
- Животот во Турција -
Запрашана за својот нов живот во Турција, Бана раскажа: „Ја сакам Турција многу, безбедна е и мирна. Тука одам на училиште и имам многу пријатели.“
„Многу сум среќна што сум турски граѓанин“, додаде таа.
Бана изрази надеж за можноста за враќање во Сирија.
„Секогаш сонувам да се вратам назад во мојот дом. Порано или подоцна, ќе се вратиме и ќе ја обновиме земјата“, рече таа.
Сирија само што започна да излегува од граѓанската војна која трае од 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Оттогаш, во судирите загинаа стотици илјади лица, а над 10 милиони се раселени.