Sena Güler
07 Јули 2019•Ажурирај: 09 Јули 2019
ХАТАЈ (АА) - САЛИМ ТАШ -
Сириец, кој поради погрешен идентитет два и пол месеци бил притворен од страна на силите на сирискиот режим, сака да ја раскаже својата застрашувачка приказна преку пишување книга.
Самер Баракат (40) бил уапсен во Алепо во 2012 година и држен во затворите на режимот, каде што бил подложен на тортура 76 дена.
Баракат за Anadolu Agency (AA) раскажа дека поради тоа што имал исто презиме со човек баран од сирискиот режим, бил уапсен од агенти на сириското разузнавање под сомнение за киднапирање на генерал и кражба на тенк.
„Во 2012 година отидов во посета на роднини кои живееја на околу 40 километри од Алепо. Кога се враќав кон дома со автобус, нашето возило беше запрено за проверка на личните карти поради проверка на идентитет на контролен пункт на силите на режимот“, се присетува Баракат.
„Службениците на разузнавањето кои ги проверуваа личните карти ме симнаа од автобусот и зедоа сѐ што носев со себе.“
Кога прашал зошто го притвориле, му рекле дека ќе му постават неколку прашања во полициска станица.
„Кога ги прашав за што станува збор, тие дрско ми кажаа дека не треба да поставувам прашања“, раскажува Баракат.
Потоа го однеле во зграда на 10 километри оттаму, и го ставиле во затворен простор сличен на ќелија, три ката под нивото на земјата.
„Почнаа да ме тепаат, почнаа со тортурата без да ме прашаат што било“, рече Баракат.
- Крикови од жртвите на тортура -
Баракат рече дека бил со врзани очи и врзан за ѕид бил подложен на електрични шокови. Го измачувале со часови, удирајќи го со палка со кундакот од калашников.
„По денови измачување во занданата, ме одведоа во собата на командирот во истата зграда“, рече тој.
Таму го обвиниле за киднапирање на генерал и за кражба на тенк.
„Каде се?“, командирот постојано прашуваше.
Тој додаде дека неговото семејство, исто така, било сметано за одговорно за судирите меѓу опозициските и режимските сили во Алепо.
Кога прашал дали обвиненијата се шега, некој зад него го удрил по глава со пиштол.
„Им реков дека не знам ништо за тоа, но тие не ми веруваа. Истиот ден ме одведоа во друг затвор“, додаде тој.
Тој рече дека бил држен во мала соба со 76 лица, со само еден тоалет.
„Никој не можеше да седне долу, мораше да стоиме. Агентите на разузнавачката служба ни истураа вода за да нѐ спречат да заспиеме“, рече тој.
„Ситуацијата траеше со денови. Ги слушав криковите на жртвите при измачувањата.“
- Без сончева светлина повеќе од 2 месеци -
Баракат беше ослободен по 76 дена во притвор, кога ја потврдиле неговата невиност во однос на обвинувањата.
За првпат по неговото притворање, видел сончева светлина.
„Сакам да го соберам во една книга сето она што го преживеав во периодот додека бев притворен“, рече тој.
По ослободувањето, Баракат со својата сопруга се преселил во јужната турска област Хатај, близу границата со Сирија.