Eşref Musa,Mehmet Burak Karacaoğlu
06 Јануари 2020•Ажурирај: 10 Јануари 2020
ИДЛИБ (АА) – Во борбата за опстанок, животот на цивилите кои избегаа од нападите на Русија, режимот на Асад и терористичките групи поддржани од Иран и најдоа прибежиште во близина на сириско-турската граница, секој изминат ден станува сѐ потежок, пишува Агенција Анадолија (АА).
Зимскиот студ, дождовите, недостигот на гориво, храна и засолниште го прави животот уште потежок на раселените лица, чиј број за една година достигна до 1 милион 300 илјади.
Една од нив е и бабата Ум Ибрахим, која избега од селото Серџе, напаѓано од воените авиони на Русија и режимот на Асад.

Ум Ибрахим, во изјавата за екипата на АА, истакнувајќи дека во воздушниот напад го загубила својот сопруг и двата сина, рече дека со трите внуки избегала и пронашла прибежиште во еден од шаторите до границата со Турција.
Бабата, со болка раскажа за ужасниот период, пред да го напуштат својот дом.
„Секој ден нѐ напаѓаа 8 хеликоптери, 6-9 руски воени авиони и 6-7 режимски авиони. Избегавме, немаше што друго да правиме. Ги погодија сите страни на нашата куќа. Беше нападната и со топови. Го погодија и покривот. Чекавме два дена за да излеземе од селото“, раскажа Ум Ибрахим.
- „Возило да помине, помислувам дека е авион“ -
Ум Ибрахим, наведувајќи дека нема да може да го заборави теророт на воените авиони, рече: „Ако помине некое возило, треперам од страв. Мислам дека е авион.“
Бабата со нејзиниот треперлив глас, рече: „Повеќе би ја избрала смртта, отколку звукот на бомбардерите. Отсега понатаму не би сакала да слушнам звук на авион.“
Со тага додаде дека нејзиното срце е болно кога размислува дека нема да може да ги види гробовите на своите деца и дека нејзиното срце не може да го издржи тоа.
Истакнувајќи дека моментално се засолниле во планинската област на селото Харбануш во близина на границата, Ум Ибрахим вели: „Тука времето поминува во замор, мачнина, под дожд и кал. Нашите домови се разрушени.“

Бабата, посочувајќи дека се далеку од населените места и дека не можат да најдат работа со која ќе заработуваат, истакна дека моментално не можат да купуваат ниту леб.
„На пекарот му должиме 35 илјади сириски лири. Додека не го платиме долгот, нема повеќе да ни дава леб. Почнавме да позајмуваме леб од друг“, додаде бабата Ум Ибрахим.
Таа истакна дека половина од нивните работи се наоѓаат надвор, на дождот, поради немањето место под шаторот. „Го молиме Бога да се вратиме во нашите домови. Доста е веќе! Живееме како бездомници во кал, на дожд и без покрив на главата. Што е можно побргу сакаме да се вратиме во нашите домови, без разлика дали се урнати или не.“
„Сакам целиот свет да ѝ помогне на Сирија. Сакаме да бидат забранети авионите и ракетите“, посака бабата Ум Ибрахим со болка во срцето.