Mohamad Misto,Said İbicioğlu
19 Октомври 2016•Ажурирај: 20 Октомври 2016
ДЕРА (АА) - Загрижени од доаѓањето на зимата, сириските бегалци кои ги напуштија своите домови и се сместија во шаторските кампови во безбедните подрачја, започнаа да градат домови од камења, тули, кал и парчиња лим, јавува Anadolu Agency (AA).
На југот од Сирија, во руралиот дел на градот Кунејтра, којшто се наоѓа под Голанската висорамнина окупирана од Израел, се наоѓа кампот Берика каде што во моментов се во тек големи подготовки за зимата. Сиријците кои се наоѓаат во кампот, знаејќи како ги минаа претходните зими, се обидуваат да изградат куќи што ќе ги заштитат од претстојната зима.
За АА, Сириецот Фахд Ебу Хусеин, сместен во бегалскиот камп, изјави дека во последните три години, секоја зима шаторите се уриваат од снежните навеви, се поплавуваат од водата и постојано имаат проблем со калта околу живеалиштата.
Ебу Хусеин вели дека шаторите не се доволно топло засолниште за децата и семејствата и додаде дека за да не ги доживеат истите проблеми и оваа зима, градат куќи од камен, цигла и од кал.
Тој истакна дека секој секому му помага во кампот, особено младите со носењето камења. Некои од бегалците своите домови ги градат од лимени парчиња, а потоа ги обложуваат со платно за да се заштитат од студот.
Во кампот Берика живеат околу 300 семејства, од кои поголем дел се бегалци што поради нападите со тешко вооружување од страна на силите на режимот во Сирија, ги напуштиле своите села.
Според податоците на Обединетите нации (ОН), од почетокот на војната во 2011 година, 11 милиони Сиријци биле принудени да ги напуштат своите домови.