İnci Gündağ
28 Февруари 2018•Ажурирај: 28 Февруари 2018
ЛОНДОН (АA) - Силните снежни врнежи и екстремно ниските температури на воздухот имаат негативно влијание врз животот во Обединетото Кралство, а во Шкотска и во Ирска е објавен црвен метеоаларм, јавува Anadolu Agency (AA).
Британската метеоролошка служба предупреди на поледицата што е присутна на целиот остров. Институтот повика на итни мерки за заштита на шкотските и ирските жители кои се изложени на ризик.
Наставата беше одложена во стотици образовни институции, вклучително и на некои универзитети. Жителите се повикуваат да не тргнуваат на пат до попладневните часови во четврток.
Поради снегот и мразот на шините, имаше откажување и одложување во железничкиот сообраќај.
Намалената видливост и мразот на пистите на одделни аеродроми се причина за одложување на некои летови. На „Хитроу“, најголемиот аеродром во земјата, беа откажани повеќе од 100 летови што требаше да се реализираат денес.
Многу авиокомпании ги советуваа патниците да ја проверат состојбата на летовите пред да пристигнат на аеродромот.
Метеоролозите тврдат дека ова е најстудената недела во последните пет години во земјата, а висината на снежната покривка на островот може да достигне до 50 сантиметри.
Четири лица загинаа во сообраќајни несреќи што се случија минатата ноќ во Линколншир и Кембриџшир.
Исто така, во некои области имаше прекин во снабдувањето со електрична енергија и во телекомуникациските услуги.