Mustafa Deveci
25 Јануари 2024•Ажурирај: 27 Јануари 2024
АНКАРА (АА) - Видеата на социјалните мрежи на кои се гледа како животни ги јадат телата на Палестинците убиени во израелските напади врз Појасот Газа, кои лежат на улиците, предизвикаа гнев во јавноста, јавува Анадолу.
На снимките направени во Кан Јунис, на југот на Појасот Газа, се гледаат телата на Палестинците убиени во израелските напади.
Камерите снимија распарчени тела и предмети на убиените расфрлани на улица, како и улични животни додека се хранат со телата на убиените.
Откако видеата се појавија на социјалните мрежи, многу корисници низ светот остро ја критикуваа меѓународната заедница и повикаа на итен прекин на колежот во Појасот Газа.
Корисниците на социјалните мрежи се револтирани од тоа што нема кој да ги земе телата на убиените Палестинци и достоинствено да ги закопа, а во коментарите доминираат коментари дека досега не е забележано вакво ниво на варварство.
- Телата на погубените Палестинци -
Палестинскиот новинар Абдула Убејд во изјавата за АА рече дека снимката што ја разоткрива целата катастрофа што Израел ја донесе во Газа е снимена на југот на Појасот Газа, во Кан Јунис.
Тој потсети дека видеото е снимено на 23 јануари годинава во населбата Гизан ен Неџар во Кан Јунис.
„Овие тела им припаѓаат на десетици Палестинци кои беа брутално егзекутирани од окупаторските израелски сили на улиците на Гизан ен Неџар во Кан Јунис, каде што беа распоредени окупаторските возила“, рече Абдула Убејд.
Израелските сили најпрво го означија Кан Јунис како „безбедна зона“, а потоа целиот регион го прогласија за воена зона.
Министерството за здравство во Газа соопшти дека само во денешниот израелски масакр врз гладните Палестинци, кои чекаа хуманитарна помош во градот Газа, загинале најмалку 20 лица, а 150 се повредени.
– МСП утре одлучува за привремените мерки во случајот „геноцид“ врз Израел –
Меѓународниот суд на правдата (МСП) вчера објави дека на 26 јануари, петок, ќе ја објави својата одлука за барањата за привремени мерки во тужбата за „геноцид“ што Јужноафриканската Република ја поднесе против Израел.
Во соопштението МСП наведе дека одлуката за барањата за привремени мерки во случајот што го поднесе Јужноафриканската Република врз основа на тоа дека Израел ја прекршил Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) за спречување и казнување на геноцидот од 1948 година во своите напади врз Газа ќе биде објавена во петок, во 13 часот по средноевропско време.
Во соопштението се вели дека одлуката за забрана ќе ја прочита претседателката на судот, судијката Џоан Е. Доногју, на јавна расправа.
Јужноафриканската Република поднесе тужба против Израел на 29 декември 2023 година, тврдејќи дека ги прекршила своите обврски од Конвенцијата за геноцид и бара привремени мерки за „спречување на понатамошна, сериозна и непоправлива штета на правата на палестинскиот народ според Конвенцијата за геноцид“.
Бројот на загинати Палестинци во нападите на израелската армија врз Појасот Газа од 7 октомври достигна 25.700, а бројот на повредени над 63.700.