ЊУЈОРК (АА) – Продолжуваат активностите за конечно оформување на кабинетот на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, пред преземањето на мандатот во Белата куќа. Сенатот на САД оваа недела ќе започне со сослушување на кандидатите кои треба да ги одобри, јавува Anadolu Agency (AA).
Новоизбраниот 45. по ред претседател на САД, Трамп официјално ќе го започне својот мандат на 20. јануари 2017. Со започнувањето на неговиот мандат, околу 4 илјади лица ќе им ја предадат својата функција на своите наследници од новата влада. Станува збор за членови на кабинетот, како и високи советници.
Сенатот неделава ќе започне со сослушување на кандидатите што Трамп ги предлага за функционерските фотелји. Имиња што Трамп досега ги предложи за назначување во новата влада се:
- Мајк Пенс за потпретседател
Десната рака на Доналд Трамп, новиот потпретседател на САД, Мајк Пенс е познат како голем конзервативец. Пред да биде избран за кандидат за потпретседател на САД, тој беше гувернер на Индијана, а пред оваа функција беше претставник на државата Индијана во Претставничкиот дом на САД.
Правник по професија, а работел и како радиоводител, 57-годишниот Пенс покажува конзервативен став кон темите во врска со имигрантите, абортусот и правата на хомосексуалците.
- Кандидат за министер за надворешни работи е Рекс Тилерсон
Трамп го назначи Рекс Тилерсон за кандидат за министер за надворешни работи. Тој е висок раководител во една од најголемите енергетски компании „Егзон мобил“.
Тилерсон има 64 години, а е познат по блискоста со рускиот претседател Владимир Путин.Тилерсон и Путин се познаваат веќе 20 години. Русија во 2013 година му додели „Орден за народно братство“ на управителот на „Егзон мобил“.
Се претпоставува дека Тилерсон, кој веќе 40 години работи во секторот енергетика, поседува богатство од 300 милиони долари.
- Кандидат за министер за одбрана е Џејмс Матис
Кандидатот за министер на одбрана, пензионираниот генерал Џејмс Матис, во текот на својата 44-годишна кариера одигра важна улога во операциите на САД во Авганистан и во Ирак.
Матис ја носеше одговорноста за воените операции на САД меѓу 2010 и 2013 година на Блискиот Исток и во Југозападна Азија, но поради тоа што неговите ставови не се согласуваа со оние на владата на Обама, на 22 мај 2013 тој се пензионира.
Во врска со неговата функција како водач на судирите во Фелуџа во 2004 година, во вестите на „Си-ен-ен“ излегоа информации дека Матис во обраќањето пред војниците во Сан Диего, во 2005 година изјавил: „Забавно е да се пука во некои луѓе“. Матис во својот говор пред конгресот на САД истакна дека причината за зголемување на екстремизмот на Блискиот Исток е тоа што САД не се доволно вклучени.
- Кандидат за министер за внатрешна безбедност е Џон Кели
Џон Кели е 66-годишен пензиониран генерал, кој зел учество во инвазијата на Ирак. Генерал Кели, кој претходно бил командант на Јужната армија на САД, се очекува во новиот мандат да ја зајакне безбедноста на границите и да ја засили борбата против трговијата со дрога.
Неговиот син, Роберт Кели, кој исто така бил воено лице, загинал во 2010 година во Авганистан нагазувајќи на мина.
Кели во еден период ги негираше обвинувањата дека во Гвантанамо се кршат човековите права, а во врска со расправите за тоа на жените да им се даде улога во армијата, тој изрази став дека тоа ќе ја ослаби физичката сила на армијата.
- Кандидат за министер за правда е Џеф Сешнс
За министер за правда, Трамп го најави сенаторот на Алабама, републиканецот Џеф Сешнс, кој прв го поддржа во неговата претседателска кампања. Сешнс (69) е поранешен обвинител, а од 1997 година е член на Комитетот за правда на Сенатот и е против реформите на Законот за имигранти.
Во 80-тите години на минатиот век беше обвинител на Алабама, во 1986 беше претставен како кандидат за федерален судија од поранешниот претседател на САД, Роналд Реган. Комитетот за правда на Сенатот, кој е претежно републикански, поради неговите расистички изјави и активности сметаше дека Сешнс не е соодветна личност за таа позиција. Во 1995 година, Сешнс беше избран за обвинител на Алабама, а на изборите во 1996 излезе како победник и стана сенатор, а беше на должност во комитетот што не му ја прифати функцијата федерален судија
- Кандидат за секретар на финансии, Стивен Мнучин
Доколку Сенатот ја одобри кандидатурата на Стивен Мнучин, кој е поранешен партнер во компанијата „Голдман Сакс“, тој ќе го преземе најважното министерство во Владата – Секретаријатот за финансии.
Мнучин потекнува од еврејско семејство од Њујорк. Тој 17 години работеше со „Голдман Сакс“, а откако стана партнер, ја напушти компанијата.
Тој подоцна формираше фонд за инвестиции со големиот поддржувач на Хилари Клинтон, Џорџ Сорос. Мнучин ја купи банката „ИндиМек“ за 1,55 милијарди долари за време на финансиската криза 2007 – 2008 година.
Банката беше преименувана во „ВанВест“, а за време на претседателствувањето на Мнучин во управниот одбор беше утврдена дискриминација кон латино луѓето и кон црномурестите,, како и кршење на законите во активностите за запленување. Банката ги прифати обвининенијата за измами, и во 2015 година Мнучин ја продаде за 3,4 милијарди долари.
Мнучин исто така беше национален финансиски директор во кампањата на Трамп, а покрај својата кариера на Вол Стрит, познат е и како финансиер на високо профилни холивудски филмови. Меѓу неговите продуцирани филмови се, „Тим за самоубиство“, „Лудиот Макс: бесни патишта“ и „Снајперист“.
- Министер за трговија - Вилбур Рос
За министер за трговија Трамп го номинира својот долгогодишен пријател Вилбур Рос.
Рос, ќе игра критична улога во трговијата со другите држави. Тој има 79 години, а ќе биде најбогатиот член на владата, со богатство од 2,9 милијарди долари.
Тој студирал на универзитетите „Јеил“ и „Харвард“, а 25 години работел за светската компанија „Ротсчајлд“, по што формирал свои компании. Рос направи успешни инвестиции во индустријата за челик и јаглен, кои се сметаат за „мртви“ индустрии во САД, а во своите изјави вели дека му е советник на Трамп.
Инвестициската фирма на Рос, „ВЛ Рос и другите“ во август на Берзата во САД и на Комисијата за хартии од вредност им плати казна од 2,3 милиони долари, поради измами во цените на некои услуги.
- Кандидат за министер за внатрешни работи е Рајан Зинке
Рајан Зинке (55) се пензионира во 2008 година, откако 23 години работел во Американската морнарица, по што влезе во политиката.
Тој раководеше со специјалните единици за време на инвазијата на Ирак, а од 2015 година па наваму во Собранието е претставник за Монтана. Додека некои раководители на енергетски фирми ја поддржуваат кандидатурата на Зинке, некои еколошки организации изразуваат загриженост дека, доколку тој стане министер за внатрешни работи, постои можност природните ресурси да бидат продадени на фирми.
- Кандидат за министер за енергетика е Рик Пери
Поранешниот гувернер на Тексас, Рик Пери е именуван за кандидат за министер за енергетика. Трамп во изјава во врска со Пери рече дека за време на неговата функција како гувернер на Тексас, тој ја развил инфраструктурата и енергетските извори, односно придонел за долгорочен раст и просперитет, што според него значи дека Пери најдобро би ја проценил состојбата на енергетиката во САД и природните богатства, а тоа би придонело за нејзина независност и нов раст на благосостојбата.
Рик Пери му беше противник на Трамп за време на изборот за кандидат за претседател од Републиканската партија.
- Кандидат за министер за труд, Ендрју Пуздер
Високиот раководител во синџирот ресторани за брза храна „Харди и Карл Јуниор“, Ендрју Пуздер е кандидат за министер за труд номиниран од страна на Трамп.
Тој е познат по својот став дека покачувањето на минималната плата на федерално ниво, за 15 долари, ќе им наштети на малите бизниси и на неквалификуваните работници.
Тој исто така е против здравствената реформа „Обамакеар“ (Obamacare), која според него треба да се укине. Пуздер за време на изборната кампања му беше советник на Трамп.
Доколку биде одобрена неговата кандидатура, тој ќе се бори амбициозните ветувања на Трамп во однос на вработувањата да станат реалнот.
- Кандидат за министер за транспорт е Елејн Чао
Елејн Чао 8 години беше министерка за труд во владата на Џорџ Буш. Таа по потекло е од Тајван, има 63 години и е сопруга на лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Мекконели.
Се очекува Чао да работи на остварување на ветувањата на Трамп во врска со модернизирањето на сообраќајната инфраструктура.
- Кандидат за министер за здравство е Том Прајс
За министер за здравство Трамп го номинираше претседателот на Буџетската комисија во Претставничкиот дом, Том Прајс.
Прајс првпат беше избран за член на Претставничкиот дом за Џорџија во 2004 година, а претходно беше политичар во Сенатот на сојузната американска држава Џорџија.
Тој е познат по своите опозициски ставови кон реформите на Обама во здравството (Oбамакеар).
- Кандидат за министер за образование е Бетси Девос
Кандидатката за министер за образование, Бетси Девос е позната по богатсвото што го поседува со нејзиниот сопруг. И покрај тоа што на конгресот на Републиканската партија, таа не ја поддржа кандидатурата на Трамп, сепак тој ѝ понуди кандидатура за министер, а таа прифати. Вкупниот капитал што го поседува Девос е проценет на околу 5,1 милијарди долари.
Претходно таа беше претседателка на мичигенскиот огранок на Републиканската партија, а е позната и по бранењето на ставот за слобода на избор на училиште.
- Кандидат за министер за домување и урбан развој, Бен Карсон
Бен Карсон е неврохирург, кој се бореше за кандидатура на изборите од Републиканската партија. По повлекувањето од кандидатурата, тој беше меѓу првите што ја изразија својата поддршка за кандидатурата на Трамп.
Карсон го опишува Трамп како „гласот на безгласниот народ“, а неговото име беше спомнато и околу именувањето на кандидати за здравство и образование.
Тој нема искуство државнички функции, така што, голема е можноста за време на процесот на одобрување на кандидатурата некои да гласаат против него, па дури и членовите од Републиканската партија.
- Кандидат за претставник на ОН, Ники Халеј
За време на изборната кампања, гувернерката на Јужна Каролина, Ники Халеј упати тешки критики против Трамп. Таа им се спротистави на изјавите на Трамп во врска со евентуалната забрана за влез на муслиманите во САД. Халеј по потекло е од Индија и е најмладата гувернерка во САД, на возраст од 44 години.
Трамп го бранеше ставот дека народот во Јужна Каролина се срами од Халеј.
- Кандидат за шеф на кабинет, Рајнс Прибус
Прибус (44) кој за време на предизборната кампања ја доби довербата на Трамп, го привлекува вниманието како човек кој одблиску ја познава работата на Вашингтон. Прибус, покрај тоа што е познат по своите пријателски врски со претседателот на Претставничкиот дом на САД, Пол Рајан, има добри односи и со други познати имиња и 5 години ја извршува функцијата портпарол на партијата.
Прибус ќе раководи со административниот персонал на Трамп и ќе ги регулира комуникациите меѓу Белата куќа и Конгресот.
Тој за време на кампањата предизвика вознемиреност кај муслиманите и имигрантите поради големата поддршка што му ја даваше на Трамп за неговите изјави.
- Главен стратешки советник, Стивен Бенон
Изборот на Стивен Бенон за кандидат за главен стратешки советник на Трамп, а беше негов менаџер во предизборната кампања, предизвика полемики во редовите на Републиканската партија. Членовите на партијата се дистанцираат од неговиот однос, кој е „расистички и има екстремно десно гледиште“.
Пред да биде избран за менаџер на изборната кампања на Трамп, Бенон беше раководител на медиумската куќа „Бреитбарт“, во чиј фокус главно се застапени критиките и непријателството кон странците и говорите на омраза. Бенон беше мошне критикуван и поради своите изјави, кои се надвор од границите на Републиканската партија, и со ова негово назначување за шеф на кабинетот на Трамп, предизвика состојба на загриженост во поголем дел од САД.
Меѓу оние што се против поставувањето на Бенон на една толку клучна позиција се и американските муслимани. Најголемата невладина организација на муслиманите во САД, Советот за американско-исламски односи го осуди поставувањето на Бенон на толку важна позиција.
- Кандидат за директор на ЦИА, Мајк Помпео
Трамп го номинираше Мајк Помпео за директор на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).
Помпео три циклуси е на должност во Комитетот за разузнавање на Претставничкиот дом. Тој се издигна на повисоки позиции во сопствената партија, откако упати остри критики кон Хилари Клинтон, која се беше зазела околу истрагата поврзана со нападот врз конзулатот на САД во либискиот град Бенгази.
Според објавите на неговата интернет-страница, Помпео (52) како првенец ја завршил воена школа „Вест Поинт“ и започнал да работи како офицер во коњицата. Подоцна ја напуштил армијата и дипломирал право на Универзитетот „Харвард“, по што ја формира компанијата „Компанија за производство на опрема, дистрибуција и услуги“.
Помпео го осудува нуклеарниот договор што беше постигнат со Иран, и го брани ставот дека е потребно да се осуди на смртна казна поранешниот системски аналитичар Едвард Сноуден закој вели дека е државен предавник бидејќи дозволи во медиумите да протечат некои прислушувани активности на Националната агенција за безбедност на САД.
- Советник за национална безбедност, Мајкл Флин
Се очекува советник за национална безбедност на САД да биде Мајкл Флин (57), човекот кој беше дел од блиската екипа на Трамп во предизборната кампања.
Флин, за време на предизборната кампања на Трамп беше на должноста главен советник за безбедност и разузнавање. Тој од претходно е познат како искусен војник кој бил во Авганистан и во Ирак.
Флин за време на мандатот на Обама ја вршел функцијата директор на Разузнавачката агенција за одбрана, а во 2014 се пензионирал.
- Специјален советник за регулативи, Карл Икан
Друг номиниран кандидат од страна на Трамп за економска власт, кој предизвика контраверзии е милјардерот – инвеститор во Вол Стрит, Карл Икан. Тој ќе му биде советник на Трамп во врска со подигањето на регулативите, за кои велеше дека се како сидро што ја влече економијата надолу.
Икан е еден од најбогатите кандидати во изборот на Трамп за неговата влада. Тој поседува акции во различни сектори како што се финансии, енергија, лекови, недвижен имот, комуникации и храна. Неговото богатство се проценува на околу 16,7 милијарди долари.
Наспроти критиките дека ќе дојде до конфликт на интереси доколку тој биде избран за регулативите, тој не се плашеше да изјави дека ќе им објави војна на регулативите. Во својата изјава во врска со кандидатурата, тој рече: „Време е веќе да се ослободиме од енормните регулативи“.
Икан е познат по тоа што не му се допаѓаат моменталните регулативи во делот на финансии и животна средина.
- Директор на национална агенција за разузнавање, Ден Коутс
Коутс работеше во Претставничкиот дом во периодот 1981 – 1988 година, а меѓу 2001 и 2005 година беше амбасадор на САД во Берлин.
Коутс, кој вршел должност и во Сенатот на САД, по средбата со Трамп изјави: „Овде сум поканет за да ги пренесам моите искуства. Пренесувајќи одредени искуства, ги споделив и моите совети“.
Во една изјава во 2015 тој рече: „За да се спречи приклучувањето на странски борци во ДЕАШ, НАТО треба да ги осигура границите на Турција“.
- Претседател на управата за мали бизниси, Линда Мекмехон
Линда Мекмехон, која Трамп планира да ја постави за челник на Управата за мали бизниси е позната по своето богатство.
Таа претходно била висок менаџер на компанијата „Ворлд врестлинг ентертејнмент“, а заедно со својот сопруг, Винсент Мекмехон поседуваат богатство од 1,16 милијарди долари. Тие за време на кампањата на Трамп донираа големи суми.
- Кандидат за претседател на Агенцијата за заштита на околината (ЕПА) е Скот Пруит
Главниот обвинител на државата Оклахома, 48-годишниот Скот Пруит е познат како член на Републиканската партија и поддржувач на фосилните горива. Се очекува Пруит да ја даде својата поддршка во исполнувањето на ветувањата на Трамп за зголемување на производството во секторите нафта, природен гас и јаглен.
На една од седниците на Конгресот на САД во ноември 2013 година, тој се спротивстави на практиките на ЕПА, при што ја обвини агенцијата дека се обидува да ги помине границите на државните овластувања.
Пруит, кој е познат по својата економска поддршка на нафтените и гасни компании во Оклахома, водеше правна борба против регулативите за животната средина на Обама.
news_share_descriptionsubscription_contact
