МОСКВА (АА) - Али Цура -
Рускиот претседател, Владимир Путин, ќе разговара со претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, на 16 јуни за тоа што може да се преземе за да бидат подобри односите меѓу двете земји, со оглед на тоа дека се напнати во последниот период, јавува Агенција Анадолија (АА).
Путин и Бајден утре ќе се состанат во Женева, Швајцарија, а иако нема официјална агенда, се очекува дека ќе разговараат за случувањата во односите меѓу двете земји.
Тоа ќе биде прва лична средба на Путин и Бајден, откако Бајден стапи на должноста американски претседател, а станува збор за историски состанок од аспект на анализирање на односите меѓу двете земји од прва рака.
Со оглед на тоа дека Бајден неодамна го спореди рускиот претседател со убиец, како и поради тензиите во односите меѓу двете држави, не се очекуваше дека ќе дојде до ваква средба.
Путин не одговори на коментарот на Бајден, туку дипломатски истакна дека лошите зборови припаѓаат на оној што ќе ги изговори.
Русија, која веќе е изложена на санкции од западните земји поради анексијата на Крим во 2014 година, не сака да биде дел од тензиите за да нема уште поголема економска штета. САД и западните земји координирано воведуваат санкции за Русија, која е богата со нафта и природен гас.
Иако не е лесно да се мери годишната штета на американските санкции врз руската економија поради флуктуациите во цените на нафтата, одредени показатели укажуваат дека станува збор за милијарди долари.
Поради тоа Путин дипломатски реагира, а предложи и онлајн средба со Бајден, што би можела да ја следи и јавноста.
Се очекува Путин и Бајден да разговараат и за кибернападите. Обвиненијата дека Русија била вмешана во претседателските избори во САД во 2016 година, повторно добија на сила поради другите кибернапади.
Одредени кругови и понатаму ја обвинуваат Русија за кибернапади врз одредени федерални институции и компании во САД.
Путин ќе му предложи на Бајден формирање на заедничка работна група со американските официјални претставници кога станува збор за ова прашање.
Се очекува дека една од темите ќе биде и гасоводот „Северен тек 2“. Путин неодамна соопшти дека е завршена изградбата на првиот крак на проектот. САД сакаат да го продадат течниот природен гас што го поседуваат и трговски и стратешки се противат на овој проект на Русија и Европа.
Се очекува дека двајцата лидери ќе разговараат и за кризата во Украина.
Една од темите би можело да биде и вежбите на НАТО во близина на границата на западниот и јужниот дел на Русија. Неодамна Русија соопшти дека воената активност на НАТО на западните граници е зголемена за два до три пати.
Се очекува дека лидерите би можеле да разговараат и за случајот на рускиот опозиционер Алексеј Навални, што е едно од прашањата кои ги подигаат тензиите во односите меѓу двете земји.
На состанокот би требало да се разговара и за стратешката стабилност.
Лидерите би можеле да разговараат и за случувањата во Сирија, Либија, Авганистан, Иран, Белорусија, за кои САД и Русија имаат различни мислења, но и за вооружувањето.
Се очекува дека двајцата лидери би можеле да разговараат за чекорите и полињата на кои САД и Русија би можеле да соработуваат.
Сепак, руската страна, како што кажаа и одредени официјални претставници, нема големи очекувања од состанокот што ќе го следи целиот свет.
news_share_descriptionsubscription_contact


