26 Јануари 2024•Ажурирај: 27 Јануари 2024
АЛ-КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Улиците на Стариот град во Ал-Кудс/Ерусалим денес се празни, а продавниците се затворени пред петочната молитва (џума намаз) поради ограничувањата што израелската полиција ги воведе за Палестинците, јавува Анадолу.
Израелската полиција е распоредена низ цел Источен Ал-Кудс за да ги спречи верниците да присуствуваат на петочната молитва во џамијата Ал Акса, изјавија очевидци за Анадолу.
Полицијата постави бариери на влезовите во Стариот град и на надворешните порти на џамијата Ал Акса.
Веќе 16 недели по ред, од почетокот на израелската војна во Појасот Газа на 7 октомври, израелската полиција воведува строги ограничувања во петоците, спречувајќи десетици илјади верници да влезат во џамијата Ал Акса за да ја извршат петочната молитва.
Во Ал Акса пред 7 октомври петочната молитва ја извршуваа од 100.000 до 150.000 верници. Поради израелските опструкции, џума намазот во Ал Акса во изминатите неколку недели го извршуваат само неколку илјади верници.
За муслиманите, Ал Акса претставува третото најважно светилиште, додека Евреите тврдат дека порано на тоа место постоеле два еврејски храма.
Комплексот Ал Акса, кој се простира на 15 отсто од површината на Старото јадро на Ал-Кудс, е под израелска окупација, а претставува точка на спојување на трите најголеми религии во светот.
Израел го окупира Источен Ал-Кудс, каде што се наоѓа Ал Акса, за време на Арапско-израелската војна во 1967 година. Израел го анектира целиот град во 1980 година, постапка која меѓународната заедница никогаш не ја прифати.
Израел започна смртоносна офанзива против Појасот Газа по нападот на Хамас на 7 октомври. Во израелските напади досега загинаа 26.083 Палестинци, а 64.487 се повредени. Се верува дека околу 1.200 Израелци се загинати во нападот на Хамас.
Според податоците на Обединетите нации, поради израелската офанзива, 85 отсто од населението на Појасот Газа е внатрешно раселено и се соочува со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, додека 60 отсто од инфраструктурата на енклавата е оштетена или уништена.