Dildar Baykan
15 Ноември 2019•Ажурирај: 17 Ноември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакна дека има различни мислења за присуството на Турција во северниот дел на Сирија, но во исто време, и дека Турција е значаен сојузник на НАТО и има важна улога во борбата против тероризмот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Столтенберг се состана со американскиот претседател Доналд Трамп во Белата куќа, а по состанокот даде изјава пред медиумите.
Столтенберг, честитајќи им на Соединетите Американски Држави (САД) за ликвидацијата на водачот на ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади, рече: „Ова стана многу важна пресвртница во борбата против меѓународниот тероризам.“
Во однос на изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека „НАТО е клинички мртов“, Столтенберг нагласи: „Во реалноста НАТО е посилна и поагилна отколку што беше со години.“
Столтенберг во изјавата исто така ја наведе потребата за политичко решение за кризата во северна Сирија.
„Треба да прифатиме дека Турција е наш сојузник која најмногу е напаѓана од страна на терористите и е домаќин на 3,6 милиони сириски бегалци. Да, има различни мислења за присуството на Турција во северниот дел на Сирија, но во исто време, Турција е наш значаен сојузник и има важна улога во борбата против тероризмот“, нагласи Столтенберг.
- „Ги поздравуваме разговорите меѓу Турција и САД“ -
Столтенберг, истакнувајќи дека има многу дискусии во однос на набавката на Турција на S-400 од Русија, истакна: „Ги поздравуваме разговорите меѓу Турција и САД за одбранбените системи, вклучувајќи ги и системите Патриот.“
Меѓу другото, Столтенберг, на својот профил на Твитер соопшти ди ека на средбата било разговарано и за подготовките за состанокот на НАТО што ќе се одржи во Лондон, на почетокот на декември.
Во објавата, Столтенберг, споделувајќи ја фотографијата од средбата во Овалната соба, напиша: „Пораката на Трамп за трошоците за одбрана имаше вистинско влијание - од Европа и Канада се додадоа 100 милијарди долари. Тоа пак НАТО го прави посилно.“