Ömer Erdem
21 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
КАРТУМ
Војниците кои со воена интервенција минатиот месец ја презедоа власта во Судан постигнаа договор со Абдула Хамдук, премиерот на разрешената влада, со што Хамдук ќе се врати на должноста премиер, известуваат локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Медиумите во Судан објавија дека воените членови на Советот за суверенитет и поранешниот премиер Хамдук постигнале договор.
Хамдук ќе се врати на премиерската функција.
Во согласност со договорот, Хамдук ќе формира технократска влада со консултации на сите политички актери, освен партијата на Национален конгрес, владејачката партија во периодот на соборениот лидер Омар ал-Бешир.
Постигнат е договор и за низа други прашања, меѓу кои и за ослободување на сите политички затвореници.
Војската ја презеде власта на 25 октомври, а приведени беа Абдула Хамдук и голем број политичари. Следниот ден Хамдук е ослободен, со услов за домашен притвор.
Командантот на суданската Војска, Абдулфатах ал-Бурхан, изјави дека е прогласена вонредна состојба, дека е распуштен Советот за суверенитет и Кабинетот, а најави формирање технократска Влада што ќе биде претставена од сите слоеви на општеството.
Бурхан, со декретот што го објави, го обнови Советот за суверенитет (Државното претседателство), што претходно го распушти, а себеси се назначи за претседател на 14-члениот Совет.
Демонстрациите против военото раководство продолжуваат низ целата земја.