Behlül Çetinkaya
24 Октомври 2023•Ажурирај: 26 Октомври 2023
ЛОНДОН (АА) – Лондонската управа за јавен транспорт (ТфЛ) го суспендираше машиновозачот што е под истрага поради тоа што, наводно, ги навел патниците да скандираат „Слободна Палестина“ преку системот за јавно огласување во подземната железница во Лондон, пренесува Анадолу.
Локалните медиуми јавуваат дека станува збор за возач на подземната железница што управувал со метрото со кое демонстранти патувале на собирот за солидарност со Палестина на 21 октомври во Лондон.
Напоменувајќи дека возачот возел воз на централната линија во системот на лондонската подземна железница, оперативниот менаџер на Лондонската управа за јавен транспорт, Глин Бартон, рече дека го злоупотребил системот за огласување на метрото.
„Возачот е суспендиран од должност додека ние продолжуваме целосно да го истражуваме инцидентот во согласност со нашите политики и процедури“, рече Бартон.
Случајот стигна до јавноста откако на социјалните мрежи беа објавени снимки од метрото, а на снимките се слуша како и машиновозачот им посакува убав ден и ги повика демонстрантите да се молат за сите загрозени луѓе.