Ekipa
03 Јули 2021•Ажурирај: 04 Јули 2021
КАБУЛ (АА) - Талибанците денес соопштија дека зазеле уште пет окрузи во североисточен Авганистан, додека авганистанските сили соопштија дека убиле 228 бунтовници во последните 24 часа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Талибанците преку соопштение истакнаа дека ги зазеле окрузите Вардуџ, Ташкаан, Тагаб, Јафтал Пајен и Кишм во покраината Бадакшан, која граничи со Таџикистан.
Без изјави од официјалните безбедносни претставници за тврдењата, локалните власти во покраината објавија дека пристигнале специјални воени единици за да ги потиснат бунтовниците. Портпаролот Нек Мухамад за АА изјави дека командантот на 217. Корпус Памир ја водел офанзивата против талибанците.
Во пресрет на повлекувањето на САД, талибанците се во офанзива низ целата земја, заземајќи 100 окрузи, додека авганистанските сили тврдат дека убиваат по скоро 200 бунтовници во антитерористичките операции на дневна основа.
„228 талибански терористи се убиени, а 116 се ранети како резултат на операциите на Националните одбранбени и безбедносни сили на Авганистан во покраините Логар, Пактика, Кандахар, Херат, Бадхис, Фарах, Балк, Хелманд и Каписа во последните 24 часа. Исто така, откриени се 13 импровизирани експлозивни направи и деактивирани од АНА (Авганистанската национална армија)“, објави денес преку Твитер авганистанското Министерство за одбрана.