Dilara Zengin Okay
12 Јули 2022•Ажурирај: 13 Јули 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Компанијата Твитер соопшти дека „невалидна и неправедна“ е одлуката на извршниот директор на „Tesla“ и „SpaceX“ Илон Маск да го раскине договорот за купување од околу 44 милијарди долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во писмото на оваа тема испратено од Вилијам Савит, адвокатот на Твитер, до Мајк Ринглер, адвокатот на Маск, се наведува дека раскинувањето на договорот од страна на Маск е „невалидно и неправедно“ и тоа значи дека се отфрлени обврските од договорот.
Нагласувајќи дека Твитер не прекршил ниту една од обврските од договорот, во писмото се додава дека договорот е на сила.
Од друга страна, по одлуката на Маск да го раскине договорот за купување од 44 милијарди долари, акциите на Твитер драстично паднаа на првиот трговски ден од неделата.
Загубата во акциите на компанијата, која на берзата во Њујорк се тргува со шифрата TWTR, надмина 11 отсто.
Во петокот беше соопштено дека Илон Маск го раскинал договорот за купување на компанијата за социјални медиуми Твитер, бидејќи биле прекршени повеќе одредби.
Адвокатите на Маск нагласија дека Твитер не одговорил или одбил да одговори на повеќе барања за информации во врска со лажни или спам сметки на платформата, што е важно за деловните перформанси на компанијата.
Меѓу другото во соопштението се забележува дека Твитер суштински прекршил многу одредби од договорот и дал лажни и погрешни информации.