Beyza Binnur Dönmez
04 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп ги обвини демократите за обид за кражба на изборите рано утрово, велејќи дека неговата администрација „никогаш“ нема да дозволи тоа да се случи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сме ГОЛЕМИ, но тие се обидуваат да ги „украдат“ изборите. Никогаш нема да им дозволиме да го сторат тоа. Гласови не можат да се дадат по затворање на гласачките места“, напиша Трамп на Твитер, повторувајќи ги тврдењата дека изборите се наместени.
Твитер веднаш ја обележа објавата на претседателот со предупредувањето: „Дел или целата содржина споделена во овој твит е спорна и може да доведе до заблуда во врска со избори или друг граѓански процес“.
Набљудувачите на изборите предупредија на раните проекции на победникот, бидејќи многу гласачки ливчиња од предвремениот гласачки процес и гласањето преку пошта допрва треба да се пребројуваат.
Трамп во претходен твит напиша дека „ќе има обраќање“, додавајќи: „Голема ПОБЕДА!“, со што се појави сомнеж дека ќе го прекрши неговото ветување од вторникот дека нема да објави предвремена победа.
Во меѓувреме, неговиот ривал, демократот Џо Бајден им рече на своите приврзаници во матичната држава Делавер дека е оптимист во врска со изборниот резултат, и дека победникот зависи од американскиот народ.
„Не ни е местото ниту на мене, ниту на Доналд Трамп да објавуваме кој е победникот на овие избори. Тоа е одлука на американскиот народ. Но, јас сум оптимист во врска со исходот“, рече тој.
Бајден во моментот предводи пред Трамп во пребројувањето на Изборниот колегиум, кој официјално одредува кој ќе биде следниот претседател на САД.