Barry Ellsworth
06 Јуни 2018•Ажурирај: 06 Јуни 2018
ТРЕНТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ја изнесоа идејата за посебни трговски преговори со Мексико и Канада, што би значело замирање на постоечкиот договор за слободна трговија во Северна Америка (NAFTA), со три земји како потписници, јавува Anadolu Agency (AA).
Реакцијата на Канада беше брза и предлогот беше веднаш одбиен.
„Ние веруваме во трилатералниот договор НАФТА од самиот почеток, веруваме дека договорот е добитна комбинација за нашите три економии и сите три нации напредуваа со неговото потпишување“, рече Ендрју Лесли, секретарот на министерот за надворешни работи задолжен за канадско-американските односи.
Трговската размена меѓу трите земји изнесуваше околу 1,1 трилиони долари во 2016 година, околу три и пол пати повеќе од првата година од договорот НАФТА, во 1994 година.
Преговорите за нов договор на НАФТА се во тек од август 2017 година, а беа запрени пред сè поради инсистирањето на САД на висок процент на заработка на американските делови што се користат во возилата направени во сите три земји. Дури и ако се надмине тој застој, САД, исто така, сакаат клаузула за временскиот период на договорот, која би гласела „отворање повторни преговори на секои пет години“, што Канада и Мексико го одбија бидејќи веруваат дека тоа ќе создаде неизвесна инвестициска клима.
Лари Кадлоу, економски советник на американскиот претседател Доналд Трамп, рече дека претседателот многу сериозно размислува за промена на насоката во преговорите за договорот НАФТА.
„Тој сега преферира, а ме замоли да го пренесам тоа, всушност да преговара со Мексико и Канада посебно“, рече Кадлоу за „Fox News“ (Фокс њуз).
Тој истакна дека во понеделникот ја пренел пораката на претставниците блиски до канадскиот премиер Џастин Трудо.
До денес нема официјална јавна изјава на Трудо.
Кадлоу истакна дека Трамп нема да се откаже од преговорите за договороот НАФТА, но дека, исто така, е заинтересиран за нов пристап кој би можел да вклучува билатерални разговори.