Ekipa
02 Август 2016•Ажурирај: 03 Август 2016
КОЛУМБУС (АА) - Републиканскиот претседателски кандидат, Доналд Трамп изрази загриженост дека претседателските избори во ноември ќе бидат наместени, пренесува Anadolu Agency (AA).
Тврдењето на Трамп, кое тој не го поткрепи со никакви докази, доколку стане повеќе од напамет изречен коментар би можело да ја загрози традиционално мирната претседателска кампања и самата суштина на фер демократскиот процес.
„Да бидам искрен, се плашам дека изборите ќе бидат наместени”, изјави републиканскиот кандидат за време на обраќањето во Колумбус, во сојузната држава Охајо.
Тој додаде дека „сѐ почесто и почесто се слуша дека изборите нема да бидат фер спроведени”, не елаборирајќи ги своите тврдења.
Трамп ова тврдење го изнесе по првите сомнежи дека демократите го наместиле својот систем за избор на претседателски кандидат, за Хилари Клинтон да го победи Берни Сандерс.
Демократската партија минатиот месец беше потресена со објава на повеќе од 19.000 мејлови на Демократскиот национален одбор, управното тело на партијата, објавено од страна на Викиликс. Во нив е откриена пристрасноста кон Клинтон на штета на Сандерс.