Dildar Baykan
11 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, истакна дека со започнување на зголемувањето на температурите во април ќе попушти и епидемијата на новиот вид коронавирус, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Трамп пред митингот во Њу Хемпшир, каде што утре ќе се одржат прелиминарните избори, се осврна на билатералните односи со Кина и на епидемијата од новиот вид коронавирус.
Истакнувајќи дека Кина се однесува многу професионално во врска со епидемијата на вирусот, Трамп рече: „Верувам дека Кина за многу брзо време ќе го стави вирусот под контрола. Коронавирусот ќе попушти со затоплување на времето во април.“
- „Испраќаме наши најдобри експерти“ -
Трамп потсети дека Светската здравствена организација има експерти во подрачјето на Вухан, Кина, каде што се појави вирусот, и нагласи: „Можам да кажам дека имаме многу блиска соработка со Кина. Таму ги испраќаме нашите најдобри експерти.“
Наведувајќи дека трговскиот договор со Кина придонел за односите меѓу двете земји, Трамп рече дека по договорот Кина започнала да ги почитува САД.
„Мислам дека вирусот нема да влијае врз тоа Кина да не ги купува американските производи. Кина напорно работи на уништување на коронавирусот, ние сме во контакт со нив“, рече Трамп, додавајќи дека благодарение на договорот Кина повторно почнала да купува американски производи.
- Епидемијата на коронавирус -
Вирусот за првпат беше откриен на 12 декември 2019 година во градот Вухан, во кинеската покраина Хубеи.
Здравствената комисија на Општината Вухан на 31 декември 2019 година соопшти дека кај 27 лица, кои имале контакт со пазарот за морска храна „Хуанан“, е откриена „мистериозна“ болест и дека пазарот е затворен.
Администрацијата во Пекинг, во рамките на мерките што ги презеде во борбата против коронавирусот, забрани влез во Вухан, а излезот од регионот е дозволен само во многу посебни случаи.
Сè уште нема вакцина или ефикасен лек против вирусот, што се претвори во сериозна епидемија, во која бројот на мртви од ден на ден се зголемува.