Safvan Allahverdi
20 Јануари 2017•Ажурирај: 20 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Со свечена заклетва која се одржува денеска, Доналд Трамп и официјално ќе стане новиот американски претседател. Тој беше избран за претседател на САД на 8 ноември минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Веќе неколку недели траат подготовките за инаугурација на Доналд Трамп, за којашто се претпоставува дека ќе бидат потрошени 200 милиони долари, а церемонијата ќе трае три дена.
Церемонијата на инаугурација со мали измени се организира од 1789 година, кога првиот американски претседател Џорџ Вашингтон во Њујорк положи свечена заклетва. Освен сегашниот претседател Барак Обама и неговото семејство, на положувањето заклетва ќе присуствуваат голем број познати личности од светот на политиката и културата.
Се очекува дека на церемонијата, која се одржува во дворот на Конгресот, и на парадата што ќе следи потоа, ќе присуствуваат околу 900.000 Американци, поради што се преземени строги безбедносни мерки. Церемонијата за инаугурација со мали измени се организира од 1789 година, кога првиот американски претседател Џорџ Вашингтон положи свечена заклетва во Њујорк. Вашингтон од 1800 година е главен град на САД, а за првпат во него има положено заклетва Томас Џеферсон. Церемонијата на давање заклетва во дворот на американскиот Конгрес во Вашингтон се организира од 1817 година, кога на власт дојде Џејмс Монро. Досега, надвор од Вашингтон заклетва положиле само шестмина претседатели.
Четворица претседатели починаа во текот на извршувањето на функцијата, поради што потпретседателите положија свечена заклетва во градовите во коишто се наоѓаа. На ден пред инаугурацијата на Трамп, неговиот заменик, Мајк Пенс ќе положи венец на споменикот на паднатите борци на Националните гробишта Арлингтон. По церемонијата на Арлингтон, во „Линколн меморијал“, еден од симболите на градот, ќе започне концертот „Да ја направиме Америка повторно голема“, што беше слоган во изборната кампања на Трамп.
Покрај бендовите, публиката на концертот ќе ја забавуваат Тоби Кејт, 3 Дорс Даун, а Доналд Трамп и Мајк Пенс ќе им се обратат на присутните. Трамп и неговото семејство на 20 јануари ќе одат во Белата куќа. Таму ќе се сретнат со семејството Обама. По краткиот разговор на семејствата, Трамп и Обама ќе присуствуваат на кратка верска церемонија во блиската црква.
Потоа двајцата ќе преминат во Конгресот за церемонијата на полагање заклетва. Во попладневните часови на 20 јануари, Трамп пред главниот судија на Врховниот суд на САД, Џон Робертс, ќе положи заклетва којашто од 1884 година е дел од Уставот на САД, при што ќе се обврзе дека верно ќе ја извршува функцијата претседател, дека ќе направи сè што е во негова моќ да го заштити и да го зачувува Уставот на САД. По овој дел, американските претседатели традиционално ја изговараат и реченицата „So help me God“ (Затоа помогни ми Боже). Иако оваа фраза не се наоѓа во текстот на заклетвата во Уставот, поголемиот дел од досегашните претседатели ја изговарале, а истото се очекува и од Трамп. Покрај тоа, американските претседатели традиционално ја држат раката на Библијата, исклучоци беа Теодор Рузвелт и Џон Квинси Адамс. Трамп ќе положи заклетва на Библијата на Абрахам Линколн. На оваа церемонија, заклетвата пред еден од судиите на Врховниот суд ќе ја повтори и Мајк Пенс, кој ќе биде потпретседател на САД.
По положувањето на заклетвата, за Обама и неговото семејство ќе биде организирано свечено збогување, по што традиционално ќе биде организиран традиционален ручек и парада. Долж авенијата Пенсилванија, од зградата на Конгресот до Белата куќа, новиот претседател ќе ги поздрави граѓаните. Во текот на овој дел од церемонијата се очекуваат и демонстрации на оние што не го поддржуваат Трамп како лидер на државата.
По свечената поворка, ќе биде организиран свечен бал што ќе започне со танцот на двојките Трамп и Пенс
. В сабота, на 21 јануари, во Националната катедрала во Вашингтон ќе се одржи верска церемонија што се организира од 1933 година. Потоа Доналд Трамп во Белата куќа ќе започне со извршување на функцијата на 45. претседател на САД.
За безбедноста за време на тридневната инаугурација ќе се грижат 28.000 полицајци и 7.000 војници од Националната гарда.