Bedrudin Brlyavac
20 Јануари 2017•Ажурирај: 21 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (AA) - Доналд Трамп денеска во Капитол во Вашингтон положи заклетва со што и официјално стана 45. претседател на Соединетите Американски Држави (САД), јавува Anadolu Agency (AA).
Новиот американски претседател во таа прилика се заколна дека ќе го штити и брани Уставот и сите американски граѓани.
Во своето обраќање на присутните Трамп порача дека неговата администрација ќе се соочи со сите предизвици кои и стојат на пат.
„Ќе се соочиме со предизвиците и ќе ја исполниме нашата должност", истакна Трамп нагласувајќи дека власта ќе му биде вратена на народот и дека САД повторно ќе стане, како што рече, голема земја.
„Кога Америка е обединета, Америка е незапирлива. Ќе не бранат нашите оружени сили, ќе не штити Бог. Веќе нема да прифаќаме политичари кои само се жалат, а не работат ништо. Доста беше, време е за работа", рече Трамп.
Истакна дека неговата администрација ќе направи нова инфраструктура ширум земјата.
„Ќе ги вратиме работниците на работа. Ќе ја обновиме нашата земја со помош на американската работа и американските работни сили. Воведуваме две правила: Купувај американско и вработувај американско", рече Трамп додавајќи дека Американците со децении збогатувале други економии и земји.
„Браневме други земји, а себе си не. Богатството на нашата земја се дисперзираше, а другите се богатеа на тоа. Компаниите отидоа од САД, не ги интересираа работниците кои ги напуштија. Средната класа е ограбена. Но тоа е минатото, а сега гледаме само во иднина. Тука се собравме, и сега ви соопштуваме дека од денеска нова визија ќе управува со оваа земја. Америка ќе биде на прво место", порача Трамп.
Нагласи дека секоја одлука која ќе биде донесена ќе биде во интерес на американските семејства и работниците.
„Заштитата на нашето ќе ни донесе просперитет и сила. Ќе се борам со вас, и никогаш нема да ве издадам. Америка пак ќе почне да победува, како никогаш порано. Ќе ги вратиме нашите бизниси, граници, богатството и нашите сништа", вети Трамп пред собраните.
На инаугурацијата присуствуваше и досегашниот претседател Барак Обама и неговото семејство, бројни високи функционери меѓу кои и поранешни претседатели, како и стотици илјади граѓани.
Трамп и неговото семејство утрово беа во црквата Св. Џон каде беше служена миса, после што ја посетија Белата куќа каде испија кафе со досегашниот претседател Обама и неговата сопруга Мишел.
Потсетуваме, на претседателските избори одржани на 9. ноември Трамп ја победи противкандидатката Хилари Клинтон.