Adel Bin Ibrahim Bin Elhady Elthabti
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
ТУНИС (АА) - Тунис денеска ги отфрли тврдењата за дипломатски разговори со Израел, нарекувајќи ги „гласини што се шират од страни поврзани со Израел“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението, Министерството за надворешни работи на Тунис го отфрли „она што некои веб-страници, поврзани со окупаторскиот израелски ентитет, го промовираат како лажни наводи за постоење дипломатски разговори со Тунис“.
„Овие веб-страници ги шират овие гласини во повеќекратни обиди да му наштетат на имиџот на нашата земја и нејзината цврста позиција за поддршка на неотуѓивото палестинско право“, се додава.
„Тунис не е заинтересиран за воспоставување дипломатски односи со окупаторскиот ентитет... бидејќи [Тунис] ги поддржува палестинските браќа во нивната борба додека не се обноват нивните легитимни права“, се вели во соопштението.
Вчера, арапски медиуми, цитирајќи ја израелската веб-страница „Хајом“, објавија вести за „дипломатски разговори помеѓу Тунис и Израел во врска во можното приближување кон нормализација“.
Немаше официјален коментар за наводите од израелската страна.
Од септември 2020 година, под контроверзна иницијатива позната како „Авраамски спогодби“, арапските држави Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан потпишаа договори за нормализирање на односите со Израел.
Договорите наидоа на широкораспространета осуда од Палестинците, кои велат дека договорите ги игнорираат нивните права и не служат на палестинската кауза.