Ruslan Rehimov
25 Април 2022•Ажурирај: 26 Април 2022
КИЕВ (АА) - Вицепремиерката на Украина, Ирина Верешчук, изјави дека ни денес не е реализирана евакуацијата на цивилите од фабриката Азовстал во Мариупол, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Верешчук на Телеграм напиша дека руската страна соопштила дека отворила коридор за излез на цивилите од фабриката Азовстал, во Мариупол, но дека соопштението од руската страна не го сметаат за веродостојно.
„Да не ги нарушеа Русите неколку пати хуманитарните коридори, можевме да веруваме. Знам што зборувам, бидејќи јас ги водам овие преговори во име на претседателот (на Украина, Владимир Зеленски) и организирам хуманитарни коридори. Хуманитарен коридор треба да се отвори врз основа на договор на двете страни. Коридорот кој е еднострано отворен всушност не е хуманитарен коридор, бидејќи не е воспоставена безбедност“, кажа Верешчук.
Според нејзините зборови, денес не е постигнат никаков договор за хуманитарен коридор од Азовстал.
Истакна дека од генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, е побарана гаранција за евакуацијата на цивилите од Азовстал и замолено е на евакуацијата да присуствуваат и претставниците на Обединетите нации и Меѓународниот комитет на Црвениот крст.
Во металуршкиот производствен комплекс Азовстал, во Мариупол, покрај украинските војници се наоѓаат и околу илјада цивили.