Islam Doğru
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
ОБЕДИНЕТИ НАЦИИ (ОН) - Постојаниот претставник на Украина во Обединетите нации (ОН) Сергеj Кислица истакна дека Киев сака мир во руско-украинската криза и дека се посветени на политичко и дипломатско решение на ова прашање, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи во Советот за безбедност на ОН, Кислица ја критикуваше Русија за ескалација на тензиите во источниот регион и го осуди „распоредувањето на дополнителни руски окупациски трупи на украинска територија“.
Истакнувајќи дека земја членка на ОН е нападната, украинскиот амбасадор рече: „Бараме Русија да се врати на маса за преговори. Ја осудуваме наредбата за распоредување дополнителни руски окупациски трупи на украинска територија. Бараме итно повлекување на окупаторските трупи.“
Во својот говор, Кислица, споредувајќи ја Русија со вирусот истакна дека веќе 8 години предизвикува војна и хаос во регионот.
„Ние не се плашиме од ништо и од никого. Никому ништо не должиме. И ништо не даваме на никого“, додаде Кислица.
Василиј Небензја, постојаниот претставник на Русија во ОН во својот говор во Советот за безбедност ги обвини САД и нивните сојузници за складирање оружје во Украина, а го критикуваше Киев дека не бара дипломатско решение за проблемите во источниот регион.
Наведувајќи дека Москва сѐ уште е отворена за дипломатско решение, Небензја рече дека „немаат намера да дозволат ново крвопролевање во Донбас“, алудирајќи на регионот што ги опфаќа Доњецк и Лугањск.
.