Meiramgul Kussainova
05 Март 2022•Ажурирај: 06 Март 2022
КИЕВ (АА) - Властите на Украина соопштија дека ја прекинале евакуацијата на граѓаните од Мариупол и Волноваха поради руско прекршување на претходно прогласеното привремено хуманитарно примирје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Кирил Тимошенко, заменик-шефот на Кабинетот на претседателот на Украина, соопшти дека Русија не го испочитувала претходно постигнатиот договор за прекин на огнот за евакуација на луѓето од два украински града.
Тој истакна дека поради тоа прекината е евакуацијата на граѓаните.
„Руската страна не се придржува до примирјето, продолжува да отвора оган врз Мариупол и околината“, наведе Тимошенко.
Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека со украинската страна е постигнато примирје поради евакуацијата на градовите Мариупол на југоистокот и Волноваха во источна Украина.
Во операцијата што ќе биде спроведена во соработка со Меѓународниот комитет на Црвениот крст, соопштено е дека околу 215.000 цивили од тие градови ќе бидат евакуирани во регионот Запорожје.