Beyza Binnur Dönmez
13 Октомври 2023•Ажурирај: 19 Октомври 2023
ЖЕНЕВА (АА) - Агенцијата на Обединетите нации (ОН) за помош на палестинските бегалци (УНРВА) денес предупреди дека Газа забрзано станува пеколна дупка во текот на интензивното насилство, и повика на заштита на цивилите низ блокираната енклава, јавува Анадолу.
Именувајќи ја како „ужасна“ израелската наредба за евакуација на повеќе од милион Палестинци од северна Газа во следните 24 часа, генералниот комесар на УНРВА, Филипе Лазарини рече:
„Ова само ќе доведе до невидено ниво на страдање и дополнително го турка народот на Газа во бездна.“
Израелската војска денес им нареди на сите жители на северна Газа да ги евакуираат своите домови и да тргнат кон југ.
Лазарини рече дека од минатата сабота досега веќе се раселени повеќе од 423.000 лица, а 270.000 нашле прибежиште во засолништата на УНРВА.
„Размерот и брзината на хуманитарната криза што се развива предизвикува морници“, предупреди Лазарини и додаде: „Газа забрзано станува пеколна дупка и е на работ од колапс.“
Истакнувајќи дека УНРВА „се бори да го исполни својот мандат“ бидејќи повеќе од 2 милиони луѓе во Газа се погодени од судирот, Лазарини упати повик:
„Нема исклучоци, сите страни мора да ги почитуваат законите на војната. Хуманитарната помош мора да им биде укажана на цивилите.“
Тој, исто така, ги повика сите страни и оние кои имаат влијание врз нив, да стават крај на оваа трагедија и да овозможат итен и безусловен хуманитарен пристап и заштита на цивилите, меѓу кои најзастапени се жените и децата.
„Време е да надвладее хуманоста“, порача Лазарини.
Ситуацијата во Појасот Газа ескалираше по нападите на палестинската група Хамас врз израелските градови во саботата.
Военото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, во саботата наутро започна сеопфатна операција наречена „Поплава Ал Акса“.
Израел возврати со масовни воздушни напади врз Газа.
Бројот на загинати Палестинци во израелското бомбардирање на Газа достигна 1.537, додека 6.612 лица се повредени.
Најмалку 1.300 Израелци загинаа, а 3.300 се повредени во нападите од Газа.