Mohammad Sıo
03 Декември 2023•Ажурирај: 04 Декември 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Генералниот комесар на Агенцијата на Обединетите нации за палестинските бегалци (УНРВА), Филипе Лазарини, предупреди дека израелските напади врз јужниот дел на Газа би можеле да принудат милион бегалци кон египетската граница, објави УНРВА вчера на социјалната мрежа Х, известува Анадолу.
„Доколку дојде до борби, навистина постои голема веројатност тие да избегаат појужно и преку границата“, рече Лазарини во интервју за британскиот весник „The Guardian“ и додаде:
„Имаме милион луѓе, милион луѓе во засолништата на ОН, вклучувајќи и 100.000 на северот.“
Неговата изјава следеше откако Израелската војска на 1-ви декември (петок) продолжи со интензивни напади врз палестинската енклава по завршувањето на еднонеделната хуманитарна пауза.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, во обновените израелски напади се убиени најмалку 193 Палестинци, а 652 се ранети.
По неочекуваниот напад од страна на Хамас на 7. октомври, Израел возврати со немилосрдни воздушни и копнени напади на Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, станбени објекти, џамии, цркви и болници.
Оттогаш се убиени повеќе од 15.000 Палестинци, од кои 6.150 деца и над 4.000 жени, објавија здравствените власти на палестинската енклава.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, при што, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибаловиот протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (IDF) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.