Lokman İlhan
31 Март 2017•Ажурирај: 31 Март 2017
БОГОТА (АА) – Шефот на мисијата на Обединетите Нации (ОН) во Колумбија, Жан Арно информираше дека почнувајќи од овој викенд, ќе преземат уште 400 парчиња оружје од Колумбиските револуционерни оружени сили (ФАРК), јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјава за медиумите, Арно рече дека активностите продолжуваат на утврдените места за собирање на оружјето. Активностите се одвиваат во рамките на договорот за мир, потпишан меѓу колумбиската Влада и ФАРК, за оставање на оружјето и враќање во заедницата, и под контрола на механизмот за следење и верификација на прекинот на огнот при ОН (ММ&Б).
Арно изјави дека со досегашните активности се регистрирани 85 проценти од оружјето што го поседува ФАРК, и притоа додаде дека се очекува оваа бројка да стигне до 7.000 парчиња оружје. Тој посочи дека поголемиот дел од оружјето на организацијата е ново и оти од викендот ќе бидат предадени уште околу 400 парчиња оружје.
По потпишаниот мировен договор меѓу колумбиската Влада и ФАРК, фазата на разоружување започна на 1. март, откако беа отворени собиралишта за оружјето на милитантите во 26 региони од државата. Во фазата кога продолжуваат активностите на набљудувачите на ММ&Б за регистрација и класифицирање на оружјето, ФАРК на 17. март предаде 140 парчиња оружје. Оваа организацијата се разоружува за првпат во историјата, по судирите кои траат повеќе од 50 години.
Првиот договор за мир меѓу Владата и ФАРК беше потпишан на 2. октомври, по што беше ставен на гласање пред народот. На референдумот излегоа околу 13 милиони Колумбијци, а 50,24 проценти гласаа „не“.
Засегнатите страни повторно седнаа на преговарачката маса во Хавана, и по долгите преговори, на 12. ноември постигнаа нов договор за мир, кој на 24. ноември 2016 година беше потпишан од страна на претседателот Хуан Мануел Сантос и од лидерот на ФАРК, Родриго Лондоно.
Во граѓанската војна, која трае повеќе од полoвина век, во 48-милионската латиноамериканска држава Колумбија животот го загубија околу 260.000 лица, а повеќе од 6 милиони се раселени.