Hakan Çopur
31 Март 2017•Ажурирај: 01 Април 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, соопшти дека по повлекувањето на предлог-законот за здравствено осигурување, Кети Волш, заменик-шеф на кабинетот на Белата куќа, поднела оставка со цел да ѝ се придружи на една надворешна организација којашто го поддржува ова прашање, јавува Anadolu Agency (AA).
Во веста од американските медиуми се вели дека Волш, која ја напуштила Белата куќа, ќе ѝ се придружи на организацијата „Америка на прво место“, која е подржувач на политиките на Трамп.
Во веста се вели дека Волш морала да се повлече поради недоволната поддршка од страна на Претставничкиот дом за предлог-законот за здравствено осигурување, за да може однадвор да собере поголема поддршка за истиот предлог-закон.
- Сопствена одлука или пресметка?
Американските медиуми отворија дискусија, според којашто оваа оставка може да биде пресметка во Белата куќа предизвикана од „неуспехот“ на предлог-законот за здравствено осигурување.
Според Белата куќа, Волш во организацијата „Америка на прво место“ ќе започне да работи како виш советник и ќе се залага за добивање поголема социјална поддршка за Законот за здравствено осигурување.
Шефот на кабинетот на Белата куќа, Рајнс Прибус, во врска со ова прашање го даде следниот коментар: „Кога станува збор за повиците кон пратениците, се знае дека ние (во врска со предлог-законот) немавме телевизиски реклами и овој проблем не може да го реши никој друг освен Кети“.
На сличен начин одговорија и советникот за стратешки прашања, Стивен Бенон и главниот советник Џаред Кушнер, кој изјави: „Волш учествуваше во многу значајни проекти во Белата куќа“.