Salih Okuroğlu
25 Јануари 2023•Ажурирај: 25 Јануари 2023
МАНИЛА (АА) - Две лица загинаа при пад на воен авион за обука во оризово поле во филипинската провинција Батаан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Управата за цивилна авијација на Филипини (CAAP) соопшти дека воен авион на воздухопловните сили се урнал во оризово поле во провинцијата Батаан.
Портпаролката на воздухопловните сили, полковник Марија Консуело Кастиљо, нагласи дека воениот авион се урнал додека вршел тренинг лет јужно од главниот град Манила.
Полицискиот инспектор Едгардо Делос Сантос во изјавата за медиумите истакна дека авионот, пред да падне во оризовите полиња, излегол од контрола и почнал забрзано да се спушта.
Сантос информира дека од остатоците на авионот ги извлекле телата на две лица.
Во исто време, на Филипини продолжуваат спасувачките операции за пронаоѓање на шесте исчезнати лица од патничкиот авион што вчера се урна во градот Изабела.