Nur Asena Ertürk
25 Април 2023•Ажурирај: 27 Април 2023
АНКАРА (АА) - Францускиот министер за труд денес потврди дека законот за пензиските реформи ќе стапи на сила на 1 септември, пренесува Анадолу.
„Потврдувам дека законот ќе стапи на сила [на 1 септември]“, изјави Оливие Дусопт за телевизијата „CNEWS“ на прашањето за оспоруваниот план за пензиските реформи потпишан и објавен на 15 април во францускиот Службен весник.
Синдикатите планираат нова рунда национални штрајкови и протести на 1 мај, како што го прават тоа наизменично од јануари.
Францускиот претседател Емануел Макрон го потпиша Нацрт-законот на 14 април, откако Уставниот совет го заврши неговото разгледување, и покрај барањата на синдикатот да се повлече Нацрт-законот, што предизвика повеќенеделни протести.
Деветте „мудреци“, како што се познати во Франција, делумно го одобрија Нацрт-законот, а отфрлија шест негови мерки, меѓу кои и оние што се однесуваат за постарите работници.
Законот ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години до 2030 година, и ќе бара најмалку 43 години работен стаж за добивање на целосна пензија. Работниците и синдикатите, меѓу останатите, жестоко се спротивставија на Нацрт-законот.
Владата го објави предлогот за реформите во јануари и тој беше испратен за парламентарна расправа следниот месец, иако милиони лица излегоа на улиците против реформите.
Немирите се интензивираа кога премиерката Елизабет Борн, по консултации со Макрон, одлучи да ги искористи посебните уставни овластувања и да го усвои Нацрт-законот без одобрение од Парламентот во март.
Одлуката беше водена од страв дека пратениците ќе може да ги блокираат реформите бидејќи на Владата ѝ недостасува апсолутно мнозинство во Парламентот.