Dilara Hamit
25 Април 2023•Ажурирај: 29 Април 2023
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден денес ја започна својата кампања за реизбор, официјално објавувајќи дека ќе се кандидира за втор мандат за Белата куќа во 2024 година, пренесува Анадолу.
„Секоја генерација има момент кога мора да се залага за демократијата. Да се залага за своите основни слободи. Верувам дека ова е наш [момент]. Затоа се кандидирам за втор мандат за претседател на Соединетите Американски Држави. Придружете ни се. Ајде да ја завршиме работата“, напиша Бајден на Твитер.
Изборите за нов претседател и за поголемиот дел од американскиот Конгрес ќе се одржат на 5 ноември 2024 година.
Бајден, инаку член на Демократската партија, служеше 36 години во американскиот Сенат и осум години како потпретседател во администрацијата на претседателот Барак Обама.
Веќе моментално најстариот претседател во историјата, Бајден би имал 86 години на крајот на вториот мандат.
Во 2020 година, тој го победи претседателскиот кандидат од редот на републиканците, Доналд Трамп, кој веќе ја објави својата кандидатура за повторно преземање на Белата куќа.
На денот на изборите следната 2024 година, Трамп ќе има 78 години, истата возраст како Бајден кога првпат беше избран за претседател.