Ekipa
20 Јуни 2017•Ажурирај: 20 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Француските власти соопштија дека поради блокадите што ги поставија мигрантите за да се качат на камионите што се движат кон овој град, во сообраќајна несреќа на автопатот кај Кале загина возач на камион, пренесува Anadolu Agency (AA).
Властите на регионот Па-де-Кале соопштија дека по несреќата се приведени деветмина државјани на Еритреја.
Тие велат дека мигрантите поставиле дрва на автопатот што води до градот Кале, принудувајќи ги камионите да запрат. Возач на помал камион удри во еден од запрените камиони, по што неговото возило се запали. Идентитетот на возачот не е познат.
На овие патишта и претходно имало сообраќајни несреќи, но ова е првпат некој од учесниците во сообраќајот смртно да настрада, соопшти неименуван локален официјален претставник.
Мигрантите постојано го блокираат патот што води до пристаништето и фрлаат камења за да го забават сообраќајот и на тој начин полесно се качуваат на камионите што возат до пристаништето Кале, од каде што можат да избегаат во Британија.