Hajer M'tırı
15 Јуни 2017•Ажурирај: 16 Јуни 2017
ПАРИЗ (АА) - Француската парламентарна преставничка Натали Косцјушко-Моризе е потешко повредена во физички напад што денес се случи во центарот на Париз, а француската полиција распиша потера по напаѓачот, јавува Anadolu Agency (AA).
Конзервативната политичарка од Републиканската партија, Косцјушко-Моризе, денес е нападната додека делела летоци во пресрет на вториот круг од парламентарните избори во Франција, кој ќе се одржи в недела, а тимот што ја води нејзината кампања соопшти дека таа по нападот, во бесвесна состојба е префрлена во болница.
Обвинителството во Париз започна истрага за случајот, а полицијата трага по напаѓачот кој е во бегство.
Премиерот на Франција, Едуард Филип, ја посети повредената политичарка во болница и на социјалните мрежи објави порака за поддршка.
Телевизијата „BFMTV“ (БФМТВ) објави снимка од нападот на којашто се гледа како напаѓачот фрла поголема количина летоци во лицето на Косцјушко-Моризе. Напаѓачот ѝ пријде, ја турна на земја, а потоа побегна од местото на настанот.
Повредената 44-годишна Косцјушко-Моризе беше француска министерка за животна средина во мандатот на поранешниот претседател Никола Саркози. На локалните избори пред три години беше кандидат и за градоначалничка на Париз.