Dilara Zengin,Bahattin Gönültaş
15 Јуни 2017•Ажурирај: 17 Јуни 2017
АНКАРА (АА) - Поранешниот премиер на Турција, Неџметин Ербакан, пред 20 години го предводеше формирањето на Организацијата за економска соработка на 8 земји во развој (Д-8). Денес оваа организација има економска моќ од 3,7 трилиони долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Организацијата е формирана на 15 јуни 1997 година и има за цел да ја развие економската соработка меѓу Турција, Пакистан, Бангладеш, Малезија, Индонезија, Иран, Египет и Нигерија.
Турција и Индонезија истовремено се земји-членки и во организацијата на дваесет најголеми економии во светот Г-20.
Во декларацијата за формирање на организацијата се наведува соработката на полето на трговијата, индустријата, комуникациите, информациите, финансиите, банкарството, приватизацијата, руралниот развој, науката, технологијата, борбата против сиромаштијата, развој на човечките ресурси, земјоделството, енергетиката, животната средина, здравството, туризмот, културата и спортот.
Според податоците што ги објави организацијата Д-8, заклучно со 2015 година, нејзините земји-членки имаат вкупен број на население од над 1 милијарда луѓе и економија со големина од 3,7 трилиони долари. Земјите на Д-8 за истиот период имаат извоз од 693 милијарди долари, што претставува околу 4 отсто од вкупната светска трговија, која изнесува 16,4 трилиони долари.
Во периодот кога е формирана организацијата, бруто домашниот производ по лице во земјите-членки изнесуваше 2.207 долари, додека во 2016 година тој изнесува 4.645 долари.
Од основањето на организацијата Д-8 досега, организирани се 8 самити, 37 комисиски состаноци и 16 состаноци на советот на организацијата. Деветтиот претседателски самит на Д-8 ќе се одржи во Турција.
- Барање за финансиски механизам
Али Мухамед Мусави, генерален секретар на Организацијата Д-8 за економска соработка, во изјава за АА, истакна дека организацијата им дава предност на економските активности.
Мусави рече дека во периодот кога е формирана организацијата, трговската размена меѓу земјите-членки била 20 милијарди долари.
„Денес меѓу земјите имаме трговска размена во висина од 120 милијарди долари. Во еден период, трговската размена достигна и 150 милијарди долари, но поради проблемите во регионот, денес трговијата е на ниво од 120 милијарди долари“, изјави Мусави.
Тој потсети дека при започнувањето на проектот Д-8, планот бил до крајот на следната година да се достигне трговска размена во висина од 500 милијарди долари, но санкциите кон Иран и настаните во регионот негативно влијаеле врз активностите на организацијата.
Мусави рече дека првите 10 години од работата на организацијата поминале во координација на нејзината политика, и додаде дека во 2009 година е формиран Секретеријатот на организацијата и од тој датум е забележан позитивен развој.
Мусави истакна дека со цел да се зголеми соработката, потребна е многу поголема поддршка од земјите-членки на организацијата, особено од Турција, која е земја-домаќин на Секретаријатот.
„Како организација, Д-8 има потреба од уште поголема поддршка. Затоа, имам посебна молба до претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, да одреди место и датум за 9. Самит на Д-8. Самитот требаше да се одржи во 2014 година, но не се одржа. Очекуваме место и датум за Самитот, кој треба да се одржи во Турција. Им се заблагодаруваме на турската Влада и народ за дадената поддршка“, рече Мусави.
Тој истакна дека благодарение на волјата на лидерите од земјите-членки, сѐ уште се достижни целите на организацијата, и нагласи дека е оптимист за иднината на организацијата, врз основа на потенцијалот што го поседува Д-8.
Мусави очекува Самитот во Турција да донесе многу поголем развој, и во таа насока изјави: „За зголемување на нашата соработка, потребно е да се формира финансиски механизам којшто ќе биде финансиски извор за поддршка на нашите проекти. Се надевам дека на следниот самит, нашите лидери ќе донесат одлука за формирање на еден ваков механизам и ние ќе можеме да забележиме многу побрз развој“.