Senita Sehercehajic
08 Април 2024•Ажурирај: 11 Април 2024
ХАГ (АА) - Група пропалестински демонстранти се собраа со транспаренти пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг и изразија солидарност со народот во Газа против израелските напади, јавува Анадолу.
Протестот се одржува паралелно со почетокот на рочиштето пред МСП по барањето на Никарагва во врска со наводите дека Германија му помага на Израел да врши геноцид во Газа.
Никарагва претходно поднесе тужба до МСП против Германија, обвинувајќи ја дека го дозволила геноцидот во Газа.
„Никарагва тврди дека со обезбедувањето политичка, финансиска и воена поддршка на Израел и со прекинувањето на финансирањето на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), Германија помага во извршувањето геноцид и не успеа во обврската да стори сѐ што е во нејзина моќ за да се спречи извршувањето геноцид“, објави МСП во претходното соопштение.
Никарагва побара од Судот да донесе привремени мерки „во врска со германското учество во тековниот веројатен геноцид и сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право и другите норми на меѓународното право во Појасот Газа“.
Израел уби повеќе од 33.000 Палестинци во нападите врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Кон крајот на 2023 година Јужноафриканска Република поднесе жалба до МСП, обвинувајќи го Израел дека не ги исполнил своите обврски од Конвенцијата за геноцид од 1948 година.
Судот на Обединетите нации (ОН) во јануари донесе привремена одлука дека тврдењата на Јужноафриканската Република се убедливи. Тој нареди привремени мерки за израелската Влада да се откаже од геноцидните акти и да преземе мерки за да се обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.