20 Ноември 2023•Ажурирај: 21 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Палестинската група на отпорот Хамас рече дека тврдењето на Израел дека групата ја користела болницата Ал-Шифа во Газа за приведување затвореници е „погрешно и лажно“, пренесува Анадолу.
„Изјавите на окупаторската армија за користењето на болницата Ал-Шифа за приведување ционистички затвореници се погрешни и лажни за да се прикрие нејзиниот безбедносен и воен неуспех“, соопшти Хамас.
Групата истакна дека израелската армија „продолжува со кампањата со лаги и дезинформации во говорот за ционистичките затвореници што биле однесени во болницата Ал-Шифа и наводите дека тело на жена војник за која тврди дека е убиена е пронајдено во болницата“.
Вчера портпаролот на израелската Влада, Офир Генделман, објави видеоснимки на платформата X во кои посочува дека Хамас носел заложници во болницата Ал-Шифа во Газа по нападот на 7 октомври.
Генделман нагласи дека еден од затворениците бил повреден и лежел на болнички кревет, а другиот бил однесен одејќи. Еден од двајцата затвореници бил државјанин на Тајланд, а другиот на Непал.
Вчера на прес-конференција портпаролот на израелската војска, Даниел Хагари, тврдеше дека борците на Хамас ја убиле припадничката на војската Ноа Марчиано во болницата Ал-Шифа.
Хамас нагласи дека неговото воено крило, Бригадите Ал-Касам, јасно потврдило дека „здравствената состојба на повредените ционистички затвореници е следена и лекувана во болниците, а потоа тие биле вратени во местата на притвор. Според тоа, нема ништо ново во тоа што го изјавил ционистичкиот воен портпарол, освен обидот да ги прикријат своите лаги и своето тврдење дека Хамас ја користел болницата Ал-Шифа како воен штаб за команда и контрола“.
Во саботата владината Канцеларија за медиуми во Појасот Газа соопшти дека израелската војска насилно евакуирала околу 500 пациенти од болницата Ал-Шифа во западниот дел на градот Газа, меѓу кои и повредените од нејзините опсежни напади, а на улиците оставила пациенти во тешка состојба на кои им била потребна итна медицинска нега.
Во средата израелската војска упадна во болничкиот комплекс Ал-Шифа откако ја имаше опколено со денови.
Откако Израел почна да ја бомбардира Газа на 7 октомври, според најновите податоци, загинати се најмалку 13.000 Палестинци, меѓу кои над 9.000 жени и деца, а повеќе од 30.000 се повредени.
Илјадници згради, вклучително болници, џамии и цркви, се оштетени или уништени во немилосрдните воздушни и копнени напади на Израел врз опколената енклава.
Израелската блокада ја исклучи Газа од снабдувањето со гориво, електрична енергија и вода и ја ограничи испораката на хуманитарна помош.
Според официјални податоци, бројот на загинати во Израел е околу 1.200.