Handan Kazancı
06 Јули 2020•Ажурирај: 06 Јули 2020
РАМАЛА (АА) - Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, во разговор со германската канцеларка, Ангела Меркел, рекол дека е подготвен за преговори со Израел врз основа на резолуциите на Обединетите нации (ОН) и под покровителство на Меѓународниот квартет, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Абас и Меркел во телефонски разговор разговараа за најновите политички случувања во регионот, односно за израелскиот план за анексија на окупираните палестински територии“, објави државната палестинска новинска агенција ВАФА.
Претседателот Абас ѝ честитал на Меркел за преземањето на претседавањето со Европската Унија и Советот за безбедност на ОН, изразувајќи надеж дека тоа ќе придонесе за постигнување стабилност и поддршка на меѓународното право и меѓународната законитост, објави ВАФА.
„Тој ѝ се заблагодари на Германија за поддршката на меѓународното право и резолуциите на ОН, особено во однос на прашањето за анексија на окупираните територии“, објави ВАФА.
Формиран во 2002 година, Квартетот за Блискиот Исток се состои од Соединетите Американски Држави (САД), Русија, Европската Унија (ЕУ) и Обединетите нации (ОН).
Според ОН, мандатот на Квартетот има за цел да помогне во посредувањето во блискоисточните мировни преговори, да го поддржи палестинскиот економски развој и градењето на институциите во подготовките за евентуална државност.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во Белата куќа, заедно со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, го објави својот план за ставање крај на израелско-палестинскиот спор, без присуство на палестинските власти.
За време на објавувањето, Трамп го нарече Ерусалим „неделив главен град на Израел“.
Таканаречениот мировен план еднострано ги поништува претходните резолуции на ОН за палестинското прашање и предлага да му се даде на Израел скоро сè што бараше.