Mahmoud Barakat
08 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
ГАЗА (АА) - Военото крило на палестинското движење Хамас денес соопшти дека добиле понуда од Израел за размена на затвореници, јавува Anadolu Agency (AA).
„Преку посредници добивме понуда за размена на затвореници“, истакна извор од „Бригадите Изедин ал Касам“ за телевизискиот канал Ал Џезира.
Изворот, кој зборуваше под за анонимност, вели дека понудата не успеала да ги исполни минималните барања од групата.
Засега нема официјален коментар од страна на израелската Влада во врска со тврдењата на групата.
Во понеделникот, израелски официјален претставник беше цитиран од страна на израелскиот медиумски портал „Тајмс“, при што беше наведено дека израелската Влада ја продолжила понудата за Хамас преку меѓународни посредници.
Минатата година, „Бригадите Изедин ал Касам“ соопштија дека држат четворица заробени израелски војници, но одбиваја да дадат повеќе детали за тоа дали војниците се живи или не.
Израелската Влада признава дека изгубила трага од двајца војници за време на воената офанзива во 2014 година во Појасот Газа.
Израел исто така вели дека двајца Израелци исчезнале откако илегално влегле во Појасот Газа, кој е управуван од страна на Хамас уште од 2007 година.
Во 2011 година, Хамас и Израел извршија размена на војници со посредништво на Египет, кога израелскиот војник Гилад Шалит беше ослободен во замена за 1.027 палестински затвореници задржани од Израел.
Израелските власти подоцна повторно притворија 60 од ослободените палестински затвореници за време на размената.
Според процената на Палестина, во моментот околу 7.000 Палестинци се затворeници во израелските затвори.