Tarek Chouiref
29 Јули 2025•Ажурирај: 30 Јули 2025
ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) - Палестинската група на отпорот Хамас денес повика на засилување на глобалната акција во првите три дена од август, во знак на протест против тековната израелска политика на геноцид и изгладнување во Појасот Газа, јавува Анадолу.
„Ги повикуваме народите низ светот да ја зголемат мобилизацијата в петок, сабота и недела (1-3 август), како и во наредните денови, против продолжувањето на ционистичката агресија, геноцидот и изгладнувањето во Газа“, се вели во соопштението на групата.
Хамас предложи 3 август, недела, да се одбележи како „Глобален ден на поддршка за Газа, Ерусалим, Ал-Акса и палестинските затвореници“, посветувајќи го на нивниот поранешен лидер Исмаил Ханије, кој беше убиен од Израел во Техеран на 31 јули 2024 година.
Во соопштението се потсетува дека токму на 29 јули 2024 година, самиот Ханије повикал 3 август да биде ден на глобална солидарност со Газа.
Групата повика на постојани протести „во градовите и главните метрополи низ светот, преку масовни маршеви и гневни демонстрации, против постојаната ционистичка агресија, геноцидот и систематското изгладнување што ги погодува над 2 милиони Палестинци во Газа“.
Исто така, повика на „засилување на сите форми на протести и седење пред ционистичките и американските амбасади, како и пред амбасадите на земјите кои ја поддржуваат окупацијата, насекаде во светот, сè додека не престане агресијата и изгладнувањето на децата, жените, болните и недолжните цивили во Газа“.
Според последните податоци на Министерството за здравство на Газа, најмалку 147 лица починале од глад од октомври 2023 година, меѓу кои 88 деца.
- Блокада и брутални напади на Израел врз Појасот Газа
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија води интензивна офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, убивајќи над 60.000 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца.
Израел применува блокада на Газа веќе 18 години, а од 2 март ги затвори сите премини, со што се влошија хуманитарните услови во енклавата.
Во најновиот извештај објавен денес, Глобалниот систем за следење на гладот, Интегрирана класификација на фазите на безбедност на храната (ИПЦ), предупреди дека најлошото сценарио на глад во моментов се одвива во Појасот Газа.
„Конфликтот и раселувањето се интензивираа, а пристапот до храна и други неопходни средства и услуги е намален на невидено ниско ниво“, се наведува во извештајот.