Betül Yürük
21 Февруари 2018•Ажурирај: 21 Февруари 2018
ЊУЈОРК (АА) - Ники Хејли, американската амбасадорка во ОН, во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, каде што се одржа заседание на кое се дискутираше за моменталната ситуација во Палестина, ги повика Палестинците да го остават гневот настрана, јавува Anadolu Agency (AA).
„Можете да изберете да ја одбиете улогата на САД во мировните преговори и да преземете одредени мерки со цел казнување на Израел во меѓународните организации како што се ОН, но тоа нема да ве однесе никаде. Гневот оставете го настрана и постапувајте заедно со нас. Можете да изберете пат на компромис што има голем потенцијал во поглед на подобрување на животот од Палестинците“, им порача Хејли на Палестина и нејзиниот народ.
Таа, исто така, ги критикуваше и ОН, тврдејќи дека се „пристрасни и неурамнотежени“ за прашањето на Израел.
Истакна дека поради израелско-палестинското прашање многу лица од двете страни претрпеле голема болка и тага.
Хејли додаде дека и Палестинците во Газа, под управата Хамас, живеат во многу лоши услови.
На крајот нагласи дека американската администрација воопшто не била против палестинскиот народ.
„Свесни сме за страдањето низ кое поминува палестинскиот народ. САД токму сега во име на мирот им подава рака на палестинските власти. Бевте несреќни поради одлуката на САД својата Амбасада да ја преместат во Ерусалим. Не мора воопшто да ја сакате оваа одлука ниту да ја прифатите, но мора да знаете дека таа нема да се менува“, изјави Хејли.
Таа истакна дека САД и понатаму се подготвени да помогнат за постигнување решение за израелско-палестинското прашање.
„Нашите преговарачи седат зад мене. Подготвени се да зборуваат, но нема да трчаме по вас. Изборот е ваш, господине Абас“, изјави Хејли на крајот.
На заседанието на Советот за безбедност на ОН присуствуваше и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп и главен советник за Блискиот Исток.
Дани Данон, амбасадорот на Израел при ОН, истакна дека израелско-палестинското прашање може да се реши со директни преговори меѓу двете страни.
Од друга страна, палестинскиот претседател, Махмуд Абас, во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН, повика на признавање на Палестина како полноправна членка на ОН.
„Ги повикувам земјите кои сè уште не го сторија тоа, да ја признаат Палестина како држава“, изјави палестинскиот претседател.
Освен тоа, Абас повика и на формирање мултилатерален механизам за решавање на палестинското прашање.
Тој истакна дека палестинскиот народ веќе 70 години трпи болка и страдање на сопствената територија.
Абас ги критикуваше ОН, тврдејќи дека оваа организација досега не била успешна во решавањето на палестинското прашање.
За Израел изјави дека е земја која се гледа над меѓународното право, нагласувајќи дека формирањето на мултилатералниот механизам е единствен начин за решавање на палестинското прашање.
Палестина досега ја признаа 137 од 193 земји членки на ОН.