Gözde Bayar
23 Декември 2019•Ажурирај: 24 Декември 2019
ТБИЛИСИ (АА) - Турската Фондација за образование „Маариф“ ќе отвори повеќе училишта во Грузија, изјави денес турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чавушоглу присуствуваше на отворањето на Меѓународните училишта „Маариф“ во Грузија, во главниот град Тбилиси.
„Би сакал да кажам дека Фондацијата „Маариф“ ќе отвори нови училишта во Грузија, не само во Тбилиси, туку и во другите градови“, истакна Чавушоглу.
Министерот истакна дека училиштата обезбедуваат образование на грузиски, англиски и на руски јазик.
„Фондацијата „Маариф“ ќе едуцира квалитетно подготвени ученици и ќе придонесе не само кон образованието во Грузија, туку и во иднината и развојот“, нагласи Чавушоглу.

Потенцирајќи дека Фондацијата „Маариф“ менаџира училишта во 42 земји, Чавушоглу рече дека родителите и лидерите се задоволни од квалитетот на образованието.
„Со поддршка на Турција, Фондацијата и понатаму ќе го унапредува квалитетот на образованието“, додаде турскиот министер.
Турската Влада ја формираше турската Фондација „Маариф“ по неуспешниот државен удар во 2016 година, изведен од страна на терористичката организација ФЕТО, со цел да администрира со училиштата поврзани со ФЕТО во странство.
Фондацијата, во текот на последните три години, основа училишта и образовни центри во различни земји, од Африка до Азија.
ФЕТО и нејзиниот водач, Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), го изведоа неуспешниот обид за пуч во Турција, во кој загинаа 251 лице, а речиси 2.200 беа повредени.
Терористичката ФЕТО има значително присуство надвор од Турција, вклучувајќи ги и приватните училишта кои служат како прилив на приходи за терористичката организација.
ФЕТО стои и зад долготрајната кампања за соборување на државниот поредок преку инфилтрирање на нејзините приврзаници во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
- Посилни трговски односи -
Како дел од посетата на Тбилиси, Чавушоглу се состана со грузискиот премиер Георги Гахарија, со кој разговараше за создавањето посилни билатерални односи.

Во кратката средба зад затворени врати, Чавушоглу и Гахарија говореа за зајакнување на билатералните трговски односи, како и за поттикнување на взаемните инвестиции.
Турскиот министер исто така ја истакна поддршката на Турција за територијалниот интегритет и суверенитет на Грузија.
Чавушоглу денес пристигна во Тбилиси за да присуствува на 8. Трилатерален состанок на министрите за надворешни работи на Турција, Азербејџан и Грузија.