26 Февруари 2019•Ажурирај: 27 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека присуството на сите лидери на Европската Унија (ЕУ) на Самитот во Египет, и поддршката на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, претставуваат дволичност, јавува Anadolu Agency (AA)
Чавушоглу, по состанокот во Анкара одговараше на новнинарски прашања, меѓу останатото, и за повлекувањето на американските сили од Сирија и разговорите кои се одвиваат меѓу Турција и САД.
Турскиот министер потсети дека заедничките работни групи, по одлуката за повлекување на силите, се состанале во Вашингтон. Тој истакна дека тогаш е донесена одлука за формирање на работната група за координација.
Тој истакна дека по одлуката за повлекување на САД од Сирија, се појавиле различни ставови.
„Тоа, всушност, покажува дека САД немаат во целост дефинирана стратегија. Сакавме да им помогнеме во тоа. Односно, заедно да координираме, и во врска со тоа тие имаа исто мислење. Но нашите ставови мораат да бидат исти. Било да станува збор за безбедносната зона, или за другите прашања. Работната група се формира за таа цел. На состанокот кој тука ќе биде одржан, двете страни ќе разменат мислења за тоа што заеднички можат да направат“, изјави Чавушоглу.
Чавушоглу потсети дека за Самитот Европска Унија - Арапска лига, чиј домаќин беше претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси, зборувал и вчера во Советот за човекови права на ОН во Женева.
Тој изјави дека сакаат Европа да биде далеку од двојните стандарди и дека е еден од ретките министри кои се залагаат за тоа.
Тој смета дека Европа дошла до највисоката точка кога станува збор за дволичноста и двојните стандарди.
„Од една страна, по обидот за пуч, постојано велеа, дискутираа и се закануваа што ќе сторат доколку Турција воведе смртна казна, но сите европски лидери, во деновите кога беа погубени девет млади лица, отидоа и пружија поддршка на Сиси, што претставува слика за она што ние го велиме“, изјави Чавушоглу.
Тој смета дека станува збор за дволичност и за двојни стандарди.
„За овие земји не останаа вистински вредности. Секогаш зборуваме за заеднички вредности. За жал, расизмот, ксенофобијата, исламофобијата и екстремизмот во Европа, ги затруја европските вредности“, изјави Чавушоглу.
Тој смета дека, гледајќи ги лидерите на одредени земји, можат да се видат само интереси, без вредности.
„Ние зборуваме за Европа која ги заборава вредностите кога има интерес. Поради тоа негодуваме, а сликата во Египет е показател на тоа“, смета Чавушоглу.
Тој беше запрашан и за одбранбените системи С-400 кои Турција ќе ги купи од Русија.
„Тоа е завршена приказна, сѐ е завршено. Република Турција никогаш не погазила даден збор. Тоа е наш принцип и надвор од договорот“, изјави Чавушоглу.