Diyar Güldoğan
26 Август 2022•Ажурирај: 27 Август 2022
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за одбрана денеска објави дека уште четири брода натоварени со жито испловиле од Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се наведува дека испораките од украинските пристаништа продолжуваат според планираното.
„Петте прегледани брода [во Истанбул], исто така, заминаа за Украина“, се наведува во соопштението.
Со посредство на Туркије и ОН, на 22 јули во Истанбул, Украина и Русија потпишаа договор за обновување на украинската испорака на жито од три црноморски пристаништа. Согласно со договорот, формиран е Координативен центар кој ќе врши заеднички контроли на влезовите и излезите на пристаништата, обезбедувајќи ја безбедноста на рутите. Првиот брод отплови на 1 август.
Центарот во Истанбул официјално почна да функционира на 27 јули, а го сочинуваат претставници на трите земји и на ОН.
Од 1 август, украинските пристаништа ги напуштија вкупно 39 брода со повеќе од 850.000 тони земјоделски производи наменети за светските пазари.