İlayda Çakırtekin
24 Август 2025•Ажурирај: 25 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, денес го повтори својот повик за заштита на персоналот на СЗО, здравствените и хуманитарните работници, откако еден од членовите на персоналот на организацијата приведен од Израел во Газа беше ослободен, пренесува Анадолу.
„Многу ми олесна што нашиот колега, приведен од 21 јули во Газа, е ослободен утрово“, истакна Гебрејесус, преку американската компанија за социјални медиуми X.
На 21 јули, израелската војска нападна зграда во која беа сместени вработените на СЗО во Деир ал-Балах во Газа, и приведе двајца од нив, заедно со двајца членови на семејствата.
Тројца подоцна беа ослободени, додека еден член на персоналот остана во притвор.
„Уште еднаш повикуваме на заштита на сите вработени и соработници на СЗО, како и здравствените и хуманитарните работници“, додаде Гебрејесус.
Израел уби над 62.600 Палестинци во Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја опустоши енклавата, која се соочува со глад.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.